Search

Весели: Не може да има избори во Косово во време на пандемија

Лидерот на Демократската партија на Косово (ПДК) Кадри Весели, по денешната средба со претседателот на државата, Хашим Тачи изјави дека е „хипокризија да се зборува за вонредни избори” во време на пандемија на Ковид-19, јави дописникот на МИА од Приштина.

Весели по средбата им изјави на новинарите дека единственото што ПДК го бара е да се почитува Уставот и да се заштити волјата на граѓаните. Тој нагласи дека неговата партија и во иднина ќе остане во опозиција.

– Да го почитуваме Уставот на Република Косово, а што се однесува до вонредни избори мора да се има предвид фактот на пандемијата, за која ни СЗО не знае кога ќе заврши. Волјата на суверенот е најлегитимна, но во овие околности во кои се наоѓаме е хипокризија да се зборува за вонредни избори, не можеме да го ризикуваме здравјето на граѓаните. ПДК има многу јасна позиција во оваа ситуација: ние ќе бидеме опозиција и ќе го почитуваме Уставот на Репбулика Косово, изјави Весели.

Во рамки на иницијативата за формирање нова влада, Тачи денеска започна консултативни средби со лидерите на парламентарните политички партии.

Освен со Весели, тој денеска се сретна и со премиерот во оставка и лидер на Движењето Самоопределување (ВВ) Албин Курти, кој побара распишување предвремени избори, како и со претседателот на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), Иса Мустафа, кој, како и Весели, рече дека на Косово не му требаат избори во ова време.

За утре се закажани средби со лидерите на Алијансата за иднината на Косово (ААК), Рамуш Харадинај, на партијата на косовските Срби, Српска листа (СЛ), Горан Ракиќ и на Социјалдемократската иницијатива (Нисма) Фатмир Лимај, како и со претставници на групата Г6, односно претставниците на немнозинските етнички заедници во Косово.

Треба да знаете
Последни објави