Search

Весели: Владата на Хоти го наследи вирусот на измама од владата на Курти

Лидерот на опозициската Демократска партија на Косово (ПДК) Кадри Весели порача дека единствено неговата партија „може да го донесе националното закрепнување на Албанците” и да ја запре, како што рече, „политичката пандемија” во земјата. Весели, кој денеска во Призрен присуствуваше на одбележувањето на годишнината на Албанската призренска лига, упати остри критики на сметка на претходната влада, предводена од лидерот на Движењето самоопределување (ВВ), Албин Курти, како и на новоизбраната, на чие чело е Авдулах Хоти од Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК).

– Владата на Хоти го наследи вирусот на измама од владата на Курти. Оваа политичка пандемија може да ја запре единствено ПДК, изјави Весели.

Тој порача дека неговата партија ќе го продолжи патот на евроатлантските интеграции и ќе го јакне пријателството со Соединетите Американски Држави.

– Нашата евратлантска ориентација е бескомпромисна, а секоја политика која ќе се обиде да ги расипе нашите односи со САД претставува подмолна покана до оние земји и геополитики кои го посакуваат уништувањето на Албанците, рече Весели.

Според него, на парламентарните избори од минатиот 6 октомври во Косово „се случи голема политичка измама” од страна на двете прворангирани партии, ВВ и ЛДК.

– Екстремниот левичарски пристап и антиамериканската иделогија ја потресоа нашата национална ориентација, додека духот на омраза и внатрешен раздор ја ослабија нашата држава и ги отворија апетитите на антиалбанските претензии. Ние немаме луѓе за губење. Ние немаме земја за давање. И нема да дозволиме никому да им наштети на нашите вредности, на нашата слобода, држава и нација, порача Весели.

Поранешниот парламентарен спикер рече дека со Централното претседателство на ПДК во Призрен го започнува полека претставувањето пред граѓаните на Косово на платформата за национално закрепнување.

– Тоа е платформа на десничарската идеологија, која ги штити традиционалните вредности, ги негува пријателствата и ја развива слободата, рече Весели. 

Треба да знаете
Последни објави