Search

Вернер: Секогаш ни е тешко против тимови како Македонија

Тимо Вернер постигна два гола во убедливата победа (0-4) на дуелот со Македонија и стави крај на надежите на нашата репрезентација на квалификацискиот натпревар одигран во Скопје. Напаѓачот на Челси овој пат ја оправда довербата на германскиот селектор Ханси Флик, а по натпреварот во својата изјава потенцирал дека Македонија повторно била незгоден противник во почетната фаза од средбата.

-Постојат тимови против кои секогаш ни е тешко да играме во првата фаза, добро е што не примивме гол. Имаше незгодни ситуации, но откако поведовме, работите одеа полесно за нас. Имам одлична соработка со селекторот, тој верува во моите квалитети и среќен сум што на ваков начин возвратив за довербата, изјави Вернер по дуелот во Скопје.

Пред медиумите по натпреварот со Македонија во име на Германија говореше и капитенот и долгогодишен репрезентативец Мануел Нојер. Голманот истакна дека клучен бил првиот ран гол во вториот дел со кој се отворил ривалот, а истовремено му честита на Тимо Вернер за двата погодока.

-Во првото полувреме имаше поинтензивна битка на теренот меѓу двете екипи. Ние имавме ситуации кога не успеавме да ги искористиме нашите шанси. Македонија доста добро се бранеше. Клуч на натпревварот беше првиот гол со кој го отворивме ривалот. Му честитам на Тимо Вернер за двата гола. Се радуваме на оваа победа и на постигнатата цел, секако дека со мали чекори ќе одиме понатаму. Ќе се подобруваме од меч во меч и очекувам да играме важна улога на СП 2022 и дека ќе стигнеме далеку, изјави Нојер.

 

Треба да знаете
Последни објави