Search

Венгер доби нова директорска работа во ФИФА

Поранешниот тренер на Арсенал, францускиот стратег Арсен Венгер кој на клупата кај „топчиите“ мина 22 години , по едногодишна пауза повторно ќе му се врати на фудбалот. Според „Њујорк Тајмс“, 69 годишниот Французин добива директорски ангажман во Светската фудбалска асоцијација (ФИФА).

Французинот ќе има обврска да сугерира развој на стандардите на тренирањето и ќе нуди совети околу останатите работи кои влијаат на тоа како да се унапредува играта на натпреварите. Според „Њујорк Тајмс“  Венгер ја прифатил понудата на ФИФА, меѓутоа се уште не се финализирани деталите од официјалната титула која би му припаднала.

Венгер го напушти Арсенал, во мај 2018 година, по цели 22 години минати на клупата, но потенцираше дека со нетрпение го чека новиот предизвик како тренер, а во интервју за „Беин Спортс“ тој стави јасно дознаење дека му недостига тренерскиот живот, додавајќи дека би сакал да добие нова шанса на тоа поле, па дури да станува збор и за национален тим.

Славата на Венгер во фудбалот, како и неговото големо искуство се чини го прави атрактивна опција за светската фудбалска организација под кормилото на Џани Инфантино, а се верува дека Французинот е исклучително добра опција за нешто ново во таа организација која со години беше предмет на лоша организација и корупција.

Треба да знаете
Последни објави