Search

Велковска од Совет на Град Скопје: Планските документи за Скопје мора да бидат зелени

На 53 седница на Советот на Град Скопје, мнозинството усвои Регулациски план за градска четврт С15 (Општина Бутел). Со него 9,2 хектари земјиште под лозови насади (доминантно државна сопственост) комотно може да стане станбени згради, иако можеше подобро, вели Драгана Велковска, активистка за заштита на животни и животна средина и членка на Советот на Град Скопје во соопштение.

Таа посочува дека иако постои регулациски план од 2015 година, тој не бил даден на увид на советниците за да може да се направи компаративна анализа и да се утврди квалитативното подобрување на новоусвоениот план.

– Суштинските забелешки по мојата консултација со експерти за урбанистичко планирање се следниве: Иако во ГУП за оваа четврт има предвидено безмалку нула посто зеленило, ГУП е флексибилен и допуштено е 3-4 проценти отстапка за јавни намени, што значи дека најмалку толку може да се додаде зеленило. Ако не се користат механизмите за дозволено коригирање на ГУП, донесувањето на регулациски план нема никаква поента, освен побрзо носење на детални планови кои е уште помалку веројатно дека ќе се носат во корист на јавниот интерес, наведува Велковска.

Новиот регулациски план, додава таа, не ги решава проблемите кои ги констатирал, а, како што вели, имал шанса бидејќи има државно земјиште.

– Заложбите на планерот се само декларативни, за потоа со графичкиот и нумеричкиот приказ да се протне план кој е целосно спротивен на текстуалното образложение. На никаков начин не се гарантира заштита на критичните земјишни ресурси и разумно не се користат со тоа што целосно се пренаменуваат во домување. Планерот си поставува извесни цели и дава препораки (повеќе зеленило за неутрализирање на тропските ноќи) кои не се одразени во графичкиот и нумеричкиот приказ. Таму остануваат само постоечките 0,26 хектари (=2.600м2) парковско зеленило за повеќе од шест илјади жители, иако имало шанса да се зголеми поради големото присуство, т.е. 9,2 хектари (92.000м2) на земјиште под лозови насади веднаш покрај булеварот „Христијан Тодоровски Карпош”, стои во соопштението.

Таа посочува дека се планираат сервисни улици со минимални тротоари од 1,5 метар на кои кога ќе се стават светилки, корпи итн., не ќе може ни двајца да се разминат. Практично, додава, ниту со сообраќаен проект нема да може да се воведат велосипедски ленти внатре во оваа четврт, иако една од декларираните цели на донесување на планот е „насочување на сообраќајниот систем кон користење на еколошки прифатливи средства”.

– Во ниту еден од условите кои планот ги задава за документацијата од пониско ниво, а кои се со правно обврзно значење нема задоволување на следниве потреби сувопарно наведени во текстот: „физичка, функционална, економска, естетска и кохерентна целина што ќе овозможи хуманизација на условите за живеење и работа, да постави висок стандард за задоволување на културните потреби и потребите за одмор, рекреација и здрава животна средина. Основна интенција на новиот плански документ е да ја оствари симбиозата на одржлива визија на просторниот развој на четвртта со оперативниот карактер на документот и реалната просторна стварност”, смета Велковска.

Според неа, овој регулациски план нема ни трага од одржливост, поради што, како што соопшти, предложила да се повлече и унапреди, но предлагачот не се согласил со забелешките што ги изнела.

– Постои реална опасност во следните две години до донесување на новиот ГУП да се усвојат регулациски планови кои ќе ја уништат и последната шанса Скопје да стане зелен град. Колку што ме држи сеќавањето, скопјани не го дадоа својот глас за такви политики, заклучи Велковска.

Треба да знаете
Последни објави