Search

Велешките хакери се вратија: Лажни вести го билдаат рејтингот на Трамп

Велес, кој стана светски познат по производство на лажни вести среде првата кампања на Доналд Трамп, сака на претстојните претседателски избори во САД повторно да го земе својот дел од колачот. Барем така тврди истражувањето на „Партнерството за интегритет на изборите“, кое покажа дека тролови од Велес во Македонија повторно градат мрежа на веб-страници преку кои шират лажни вести пред претстојните избори.

„Партнерството за интегритет на изборите е коалиција на истражувачки субјекти насочена кон поддршка на размена на информации во реално време помеѓу истражувачката заедница, изборните службеници, владините агенции, граѓанските организации и платформите на социјалните медиуми. Нашата цел е да го откриеме и ублажиме влијанието на обидите да се спречат или да се спречат луѓето да гласаат или да ги делегитимираат изборните резултати“, пишува на нивната интернет страницата.

Според истражувањето, насловено A Look Into Viral North Macedonian Content Farms се издвојува веб-страницата Resist the Mainstream. Повеќето написи на страницата речиси едногласно ги поддржуваат или промовираат конзервативните политичари. Голем број од текстовите се копирани од други веб-страници, особено од десничарскиот портал The Daily Wire.

Тука и таму нафрлаат лажни вести како онаа дека Џо Бајден имал „бубачка“ во увото за време на првата претседателска дебата. Во рубриката „За нас“ пишува дека „проектот е создаден со мисија да известува за вести што мејнстрим медиумите не сакаат да ги објавуваат“. Поштенската адреса е Остин, Тексас. Истрагата покажала дека зад страницата стојат две лица од Велес кои собираат содржини од десничарските портали и ги шират преку социјалните мрежи.

-Немаме причина да се сомневаме дека операторите на овие страници се мотивирани од нешто друго освен од финансиска добивка. Сепак, тие продолжуваат да профитираат од поларизацијата и веројатно придонесуваат за нејзино ширење во Америка. Луѓето кои се наклонети кон десната политичка опција несвесно ја консумираат оваа странска содржина, заклучува извештајот.

Копирајќи содржини од познати портали за вести, тие го кријат својот идентитет, шират вирални вести и привлекуваат огласувачи. На пример, нивното соопштение за наводна изборна измама стана вирално, а еднаш нивното соопштение го сподели и републиканскиот политичар Дејвид Роу. Сопствениците на страницата се обиделе да го скријат своето потекло со регистрирање на доменот со помош на услугата WhoisGuard, кој нуди приватност со прикривање на идентитетот на сопственикот на доменот, како контакт регистрирале адреса на Gmail и навеле поштенска адреса во САД. Иако ја унапредиле тактиката од 2016 година, сепак, не успеале да ги скријат сите траги.

Тројцата автори на страницата- „аdmin“, „аleksandra“ и „viktor“ се поврзани со три различни имејл адреси. Адресата на администраторот е адреса на Gmail наведена во рубриката „за нас“, а Виктор и Александра имаат лични електронски адреси. Преку овие адреси истражителите брзо стигнале до Фејсбук профилот на Виктор и Александра, кои се пријатели на оваа мрежа, а и двајцата го наведуваат Велес како роден град.

Треба да се напомене дека посетителот кој прв пат ќе дојде на страницата се пречекува со порака: “Почитувани читатели, свесни сме дека приказните од нашата веб-страница не можат да се споделуваат на Фејсбук. Фејсбук нè цензурира. Наскоро ќе го решиме овој проблем”.

Имено, истражувачите пред да ја објават анализата, контактирале со социјалните мрежи и ги споделиле своите наоди. Фејсбук и Пинтерест им ги блокирале налозите.

Но има и други социјални мрежи, па „Resist“ се префрлил на мрежата Parler, која не е многу позната во Европа, но има околу два милиони корисници во САД. Слична е на Твитер и се промовира како платформа што ја штити слободата на говорот. Многу од корисниците се приврзаници на Трамп и содржат претежно антисемитски објави и теории на заговор.

Таму нивниот налог има повеќе од 400 000 следбеници. Истите луѓе од Велес се поврзани и со други сметки, како што е веб-страница за промовирање на аналитичарката Кендис Овенс, афро-американка која го подржува Трамп.

Истражувачите ја анализирале сличноста помеѓу овие веб-страници и оние управувани од Теодор Мирчевски, озлогласениот оператор на лажни вести од Велес. Сепак, немало доволно докази за да се утврди дали овие сличности се резултат на копирање на Мирчевски, или, пак постои посистематски однос.

Треба да знаете
Последни објави