Search

Вебнар „Регионалните безбедносни предизвици и новите државни актери за време и по кризата од пандемијата”

Во организација на Универзитетот „Климент Охридски” (УКЛО),  Факултетот за безбедност во Скопје и Фондацијата „Конрад Аденауер” се одржа прв вебинар посветен на безбедносните предизвици во регионот на Балканот, насловен „Регионалните безбедносни предизвици и новите државни актери за време и по кризата од пандемијата”.

На вебнарот чија цел, според организаторите, е сензибилизирање на експертската јавност, како и на носителите на одлуки од областа на безбедноста, учествуваа министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, в.д. директор на Канцеларијата на Фондацијата „Конрад Аденауер ” во земјава Норберт Бекман, деканот на Факултетот за безбедност – Скопје, Никола Дујовски,  проректорот на УКЛО, Марјан Ѓуровски и професорите Татјана Дронзина од Бугарија и Стефан Сурлиќ од Србија.

Главните осврти на учесниците на вебнарот се однесуваа на поставеноста на државите од Регионот во справувањето со пандемијата од аспект на безбедносните предизвици.

Проректорот на УКЛО, проф. д-р Марјан Ѓуровски, во својство на иницијатор и модератор на настанот, истакна дека се разговараше за ист, заеднички предизвик, односно за мерките, политиките и воопшто начинот на справување на овие земји од регионот со глобалната пандемија, додека Норберт Бекман од Фондацијата „Конрад Аденауер”  ја поддржа политиката за размената на мислења и отворање дискусии околу развојот на идните формати за справување со пандемијата, но и со слични кризни состојби.

Деканот на Факултетот за безбедност, Никола Дујовски истакна дека истражувачкиот тим од Факултетот ја следи работата и активноста на безбедносните институции и по завршување на пандемијата ќе изработи Извештај од којшто ќе може да се преземаат заклучоци за тоа како во иднина да постапуваме.

– Од досегашниот скрининг, генерално, институциите во државата, од безбедносен аспект, добро се справуваат со кризата, посочи Дујовски.

Министерот Чулев во обраќањето ги посочи главните задачи на полициските службеници во услови на едно непознато, ново искуство во работата.

– И во непредвидените предизвици во работењето, Министерството за внатрешни работи ја одржува својата основна улога за обезбедување на јавниот ред и мир, истакна Чулев, кој смета дека од суштинско значење е правната регулација на вонредна состојба.

Во  размената на искуства за политиките  и начинот на справување со пандемијата, професорите од Бугарија и Србија, Татјана Дронзина и Стефан Сурлиќ ги претставија генерално, сличните начини и мерки за справување со кризата. Тие се осврнаа и кон феноменот кога лажните вести поврзани со здравствената криза може да прераснат во безбедносни закани и како такви ќе најдат свое место во компаративната анализа што ќе се објави во посебна публикација по завршувањето на проектот.

Во констатациите поврзани со вебинарот посветен на „Регионалните безбедносни  предизвици и новите државни актери за време и по кризата од пандемијата” се оценува дека е особено значајно што се разговараше и за вонредната состојба како актуелно прашање.

Ѓуровски оцени дека е анализата на заедничките елементи од земјите во Регионот е нужна, акцентирајќи го притоа главниот заклучок од првиот вебинар дека нема место за политика кога ќе се издаде наредба или одлука што се однесува на  безбедносниот систем во вонредна или кризна состојба.

Треба да знаете
Последни објави