Search

Вебер: Таквите како Ципрас ја блокираат европската надворешна политика

Шефот на конзервативната Европска народна партија (ЕПП) и нејзин кандидат за претседател на Европската комисија, Манфред Вебер го критикуваше грчкиот премиер Алексис Ципрас поради поддршката за претседателот на Венецуела, Николас Мадуро.

Вебер, за време на средбата со лидерот на најголемата грчка опозициска партија Нова демократија, Киријакос Мицотакис, изјави дека грчкиот премиер „ја блокира заедничката европска надворешна политика”.

– Грчката Влада на чело со Ципрас мора да одговори на прашањето зошто ги блокира иницијативите на европско ниво за поддршка на силите во Венецуела, кои се борат за демократска Венецуела. На ова прашање Ципрас мора да одговори, истакна Вебер.

Тој додаде дека поради вакви случаи, ЕУ мора да го смени механизмот на носење одлуки во надворешните работи, односно да воспостави процес на донесување одлуки со мнозинство, а не едногласно како што е сега.

– Ова води кон ситуација во која повеќе нема да бидеме во рацете на владите, како во Грција, кои очигледно имаат повеќе контакти со Владимир Путин и Мадуро, отколку со слободниот свет на демократските земји, рече Вебер.

Вчера, пак, претседателот на Бугарија, Румен Радев и порача на бугарската Влада да не се меша во политичката криза во Венецуела и да не го поддржи ставот на одредени земји членки на ЕУ за признавање на Хуан Гуаидо за привремен претседател на оваа латиноамериканска држава, бидејќи, како што реше, таквите одлуки не водат во насока на мирно решавање на тензиите.

Европската унија беше блиску до усвојување заеднички став и признавање на Хуан Гуаидо за претседател на Венецуела, меѓутоа Италија стави вето на таквата одлука.

Италија на неформалниот состанок на шефовите на дипломатиите на државите членки на ЕУ, што се одржа на 31 јануари во Букурешт, стави вето на соопштението на ЕУ кое требаше да го прочита високата претставничка на Унијата за надворешна политика и бебзеднист Федерика Могерини, во кое пишуваше дека Европската Унија ќе го признае Гуаидо, доколку не се организираат претседателски избори.

Треба да знаете
Последни објави