Search

Вархељи: Проширувањето на ЕУ ќе остане приоритет на ЕП

Новиот европски комесар за проширување Оливер Вархељи денеска изјави дека е многу разочаран поради тоа што не беше постигнат консензус за отворање на преговори со Северна Македонија и Албанија.

Тој на тркалезната маса во Европски парламент посветена на евроинтеграцијата на Западен Балкан истакна дека ќе продолжи да се залага за донесување на позитивна одлука за Северна Македонија и Албанија пред Самитот на ЕУ во Загреб, што ќе се одржи во мај следната година.

Вархељи истакна и дека Босна и Херцеговина направила значителни чекори на патот кон Европска Унија, но треба да се фокусира на најважните приоритети идентификувани во Мислењето на ЕУ, како што е реформа на судството и управување со миграциите.

Еврокомесарот се осврна и на состојбата во Србија и упати апел до Белград да го забрза процесот на реформи на патот кон ЕУ. Тој посочи дека се потребни поцврсти, сеопфатни и конкретни резултати во клучните области – демократија, владеење на законите и слобода на медиумите.

Тој, исто така се осврна и на Косово, при тоа потенцирајќи дека се надева оти Приштина ќе го обнови дијалогот со Белград.

Додека Вархељи наведе дека истакна и дека најголем напредок на патот кон ЕУ има остварено Црна Гора, која отвори 32 поглавја, но оти се уште треба да оствари конкретни резултати во владеењето на законите и слобода на медиумите, политичката дебата да се врати во Парламентот и да продолжи работата за изборното законодавство.

Еврокомесарот нагласи дека проширувањето на ЕУ ќе остане приоритет на ЕП и најави дека Европска комисија набрзо ќе достави предлог за новиот пристап во процесот на проширување.

– ЕК на почетокот од следната година ќе ги претстави сугестиите за процесот на асоцијација, со цел да го зајакне преговарачкиот процес, истакна Вархељи.

Тој додаде и ќе се заложи за подинамичен процес наместо едноставното отворање и затворање на поглавјата во пристапните преговори.

– Фокусот при тоа мора да биде на реалното влијание на реформите на теренот, а најдобра мерка за напредок ќе биде брзината на економскиот развој, зголемување на просперитетот и квалитетот на животот, како и слободата на луѓето, истакна Вархељи, додавајќи дека во „земјите од Западен Балкан неопходно е силно политичко ангажирање за спроведување на реформите, не поради ЕУ, туку поради сопствените граѓани”.

Треба да знаете
Последни објави