Search

Вартоломеј: Медиумите имаат тенденција да креираат нивна сопствена вистина

За жал, како што се чини, медиумите имаат тенденција за креирање на нивна сопствена вистина, понекогаш изменета, како средство за дефокусирање на граѓаните, а ова им служи на конкретни стремежи, рече Вселенскиот Патријарх Вартоломеј во неговиот говор во Здружението на новинари од весници на Грција. Тој како пример го спомена украинското прашање и лажните вести што се ширеле околу конкретната тема, јави дописничката на МИА од Атина.

-Со големо жалење констатираме дека дури и во црковното новинарство, се шират и промовираат повремено такви облици на вести, чии мотиви претежно се лични интереси, впрочем, тоа се покажува и со едно првично истражување во однос на неодамнешното украинско црковно прашање. За конкретната тема и за постапките на Мајката Црква во Константинопол, во медиумите, без мерка се ширеа многу лажни информации, извртени историски настани и изобличена вистина, додека пак вистинските податоци ги скрија грижливо или и намерно, рече Вартоломеј.

Вселенскиот Патријарх вели дека во современата ера животите на луѓето ги креира т.н. „електронски нов поредок на работите”, а „новите технологии го редефинираа карактерот на информирањето и на информациите” и додава дека станува збор за „хаос од информации и многу информации без можност да се проверат”.

-Познатата фраза „пишува во весник” ни е блиска на сите нас и најчесто упатува на два основи принципи за кои не се преговара. Прво, дека објавената информација во весникот е вистинита, бидејќи новинарот во никој случај нема на јавноста да и пренесе вест за која знае дека е невистинита и второ дека постои врска меѓу читателот и весникот: врска на доверба и почит, врска на почитување и искреност. Но, прашањето кое денес се поставува е дали оваа врска е зачувана и дали се објавува се што е вистина, истакна Вселенскиот Патријарх во неговото обраќање пред новинарите.

Треба да знаете
Последни објави