Search

Вартоломеј: Крвта вода не станува

Ова е наша прва средба по некои непријатности меѓу нас, но тоа е човечко и треба да најдеме сила да ги надминеме и да продолжиме за доброто на црквата, рече Вселенскиот Патријарх Вартоломеј по средбата со грчкиот Архиепископ Јеронимос, потенцирајќи дека „крвта вода не станува”, јави дописничката на МИА од Атина.

Вартоломеј и Јеронимос, по заладените односи меѓу Вселенската Патријаршија и Грчката православна црква, имале добра и корисна комуникација, а разговарале за сите прашања меѓу кои и она за Украинската православна црква, но за и билатерални и други црковни теми.

-Човечки е во животот на поединците и на црквите да се појават непријатни моменти, но во конкретниот случај на Црквата на Грција и на Вселенската Патријаршија важи она што го вели нашиот народ, дека крвта вода не станува. Така ќе продолжиме како верници од иста вера и како браќа. Одговорни сме пред нашите Цркви и пред Божјиот народ, рече вселенскиот Патријарх по средбата со Јеронимос.

Атинскиот архиепископ рече дека нема што друго да додаде и дека се согласува со она што го кажа Вселенскиот Патријарх и изрази благодарност за можноста Вартоломеј да е во Атина.

Вселенскиот Патријарх Вартоломеј, вчера пристигна во официјална посета на Грција, а на атинскиот аеродром „Елефтериос Венизелос” беше пречекан од заменикот министер за надворешни работи на Грција, Маркос Боларис

Попладнево Вартоломеј ќе замине за областа Дилеси, Виотиа, каде што во присуство на грчкиот претседател, свечено ќе биде отворен Центарот за геронтологија и грижа и поддршка „Свети Порфири” на Атинската архиепископија, што е изграден на црковен имот на површина од 27 хектари со капацитет од 64 места.

Утре, Вселенскиот Патријарх ќе се сретне со амбасадорот на САД во Атина, Џефри Пајат и со министерот за образование и религија на Грција, Костантинос Гавроглу, а пред да замине од Атина ќе присуствува на официјална вечера во негова чест приредена од Светиот синод на грчката православна црква.

Треба да знаете
Последни објави