Search

Вардар со триумфот над Татран го потврди првото место во СЕХА

Ракометарите на Вардар со победата од 28:26 над Татран Прешов ги добија најважните три бода сезонава во СЕХА лигата и на тој начин го обезбедија првото место во Групата А. Тие ќе одат директно во четврт-финалето како лидери, но ќе мора да ги почекаат имињата на можните противници уште една недела.

Вардар одигра меч без Даинис Кристопанс, Кристијан Дисингер, Артурс Кугис, Сергеј Горбок, додека во редовите на Татран ги немаше Крок, Рабок и Урбан.

Главната болка на „црвено-црните“ сезонава – одбраната, повторно беше најголемиот проблем во првото полувреме, додека Татран имаше тактика да оди на трпелив напад, кој се граничеше со пасивност, а таквата игра им донесе водство од 0:2, 3:5… Вардар се врати за момент, 5:5, но гостите ги користеја сите слабости и грешки во играта на шампионот, а тоа им донесе предност од 13:17 на полувремето.

Во вториот дел, Вардар ја смени одбраната во 5-1, Гедбан го замени Кизиќ на голот и „црвено-црните“ ја превземаа иницијативата. Осум минути беа без примен гол вардарци во второто полувреме и со серија од 5-0 дојдоа до 18:18. Во 45 минута преку Чупиќ стигна и првото водство на натпреварот 21:20, а веднаш потоа и Атман се надоврза за 22:20.

Потоа веќе се беше поинаку… Татран делуваше брзоплето и грешеше, а Вардар беше тој кој ги користеше работите во своја полза, за на крајот да дојде до победа со која го потврди првото место во групата А на табелата.

(Фото: 24 ракомет)

Треба да знаете
Последни објави