Search

Вангеловски не е вознемирен, ама ќе ги тужи СДСМ за навреда

Ниту најмалку не сум вознемирен, одговори Јово Вангеловски на соопштението на СДСМ во кое од партијата велат дека е „логична вознемиреноста на Јово Вангеловски, познат во јавноста како Јово превара“. За оваа навреда поранешниот претседател на Врховниот суд побара извинување, а ако не го добие најави дека ќе покрене соодветна постапка, објави „Плусинфо“.

„Ниту најмалку не сум вознемирен. Полна е со неточни податоци за постапката за мое разрешување. За предметот кој го спомнуваат постапката е запрена на 10.02.2020 година. А во таа постапка со мене сообвинети беа судии кои се унапредени, за што зборував во мојата денешна изјава. Меѓу нив е и нивниот миленик судијата Кире Здравев, сегашен претседател на Судскиот совет. За искажаната јавна навреда, доколку јавно не се извинат, ќе покренам соодветна постапка“, реагираше Вангеловски.

Тој претходно рече дека видно од објавеното писмо на прес конференцијата на Антонио Милошоски, се објавува разговор воден во месец мај 2019 година во просториите на Владата, а во кој се спомнува неговото име.

-Објавена е аудио снимка во која лицето З.З. кажува дека со мене нешто договорил. Јас тврдам дека во месец мај 2019 година пред Врховниот суд немаше активен предмет во кој тогашното СЈО се појавува како странка која не е овластен тужител во постапките согласно начелното правно мислење на овој суд. Сите тие постапки беа завршени неколку месеци пред тоа. Со господинот Заев, јас како претседател на највисокиот македонски суд, сум имал неколку средби остварени во премиерскиот кабинет при што бев почестен со кафе и со вода. Од тука, мене објавениот разговор или монолог ми наликува на негово себепромовирање во голем моќник, но и претставување како мој голем пријател, вели Вангеловски.

Треба да знаете
Последни објави