Search

Младите од Бутел ги споделија своите идеи за подобрување на заедницата со градоначалник

Младите од Бутел ги споделија своите идеи за подобрување на заедницата со градоначалник

Кон средината на мај, 2018 година, дваесет ученици од основното училиште „Живко Брајковски“ од општина Бутел реализираа завршна активност со која ја крунисаа долгорочната заедничка работа.

Пред неполни два месеца, овие ученици коишто учат на различни наставни јазици се сретнаа за прв пат. За време на почетната работилница, тие имаа задача заедно да ги идентификуваат проблемите со коишто секојдневно се соочуваат без оглед на својата етничка припадност. И покрај тоа што ова беше нивна прва средба, посветеноста на заедничката цел и неуморното работење брзо ги сплоти.

Веќе на следната средба, учениците започнаа со изработка на портфолија за идентификуваните проблеми. Секое портфолио опишуваше различен предизвик со којшто се соочуваат младите. Се раѓаа креативни и продуктивни идеи, а младите заеднички ги дискутираа.

Со видна возбуда и нескриен ентузијазам, тие отидоа уште еден чекор понапред, па понудија и потенцијални решенија. Врз основа на своите предлози, тие изработија плакати, едукативни пораки и фигури со човеков облик.

Со цел да го свртат вниманието на надлежните институции за да се преземе нешто за идентификуваните проблеми, учениците решија јавно да ги презентираат резултатите на својата работа.

Заедничките продукти ги поставија на јавна површина пред зградата на општина Бутел. Градоначалникот и претставници на општината присуствуваа на јавната презентација и будно ги следеа презентациите на младите.

Во нашата заедница не постојат игралишта коишто се пристапни за деца со потешкотии. За жал, многу луѓе се сиромашни и немаат средства за основни работи како храна и облека.  Имаме диви депонии, а од друга страна пак, немаме недоволно канти за отпадоци. На улиците се вози брзо и се загрозува безбедноста на учениците и сите учесници во сообраќајот“ – изјавија младите.

Веднаш потоа, учениците ги предложија и заедничките решенија. „Да ја покренеме јавната свест за децата со потешкотии и да им помагаме на постарите и изнемоштени лица. Да организираме хуманитарни акции за да собираме храна и облека што ќе ги донираме. Задолжително да го селектираме отпадот во домаќинствата. Конечно, да се постават пешачки премини и соодветна сообраќајна сигнализација“ – додадоа учениците.

Откако ги  ислуша внимателно, градоначалникот иницираше заедничка дискусија за предложените активности. Настанот предизвика интерес и кај случајните минувачи, коишто застануваа за да видат што се случува и да ги поддржат младите во своите напори за подобрување на својата заедница. Не само што оваа активност придонесе кон подобрување на меѓуетничката кохезија, туку истовремено и значително го промовираше развивањето на граѓански и демократски вредности кај учениците.

Градоначалникот го посети и училиштето за да ги види продуктите на учениците од предходните активности.

Треба да знаете
Последни објави