Search

Бурата Кјара стигна до Австрија, се очекува нова бура во Германија

Седум лица загинаа во невремето предизвикано од бурата Кјара, која веќе неколку дена беснее во северна и централна Европа. Бурата предизвика и бројни одложувања или откажувања на летови, железнички и бродски линии.

Кјара денеска пристигна и до австрискиот град Салцбург, недалеку од германската граница, каде околу 400 пожарникари со часови се обидуваат да ги отстранат сите дрвја што паднаа по патиштата и врз автомобилите.

Германската железничка компанија „Дојче бан”, која вчера ги прекина сите возења на долги релации, соопшти дека повеќето линии повторно се воспоставени, освен во јужниот дел на земјата, каде се уште дува силен ветар.

Во северна Баварија, каде ветарот дува со јачина од 160 километри на час, бурата произведе рекордна количина електрична енергија во ветерниците.

Германската метеоролошка служба соопшти дека се очекува ветерот да ја намали јачината во поголем дел од земјата и дека се придвижува кон југоисток.

Во североисточна Германија се очекува нова бура која најпрво ќе го зафати Балтичкиот брег, а се очекуваат и обилни врнежи од дожд. Силен дожд се очекува и во Франција и Белгија.

Во Англија и Шкотска и натаму е на сила предупредувањето од поплави, а големата количина врнежи од дожд доведоа до излевање на голем број реки.

Од невремето се забележани и смртни случаи во Полска, Шведска, Велика Британија, Словенија, Германија и Чешка.

Треба да знаете
Последни објави