Search

Бузалковска: Срамно е што премиерот не мисли дека треба да побара оставка од министерот за култура

Режисерката Зоја Бузалковска со статус на својот фејсбук-профил го изнесе нејзиното мислење за ревидираната годишна програма на проекти од национален интерес во културата, за која вели дека  сè уште е скандалозна.

„Освен корекциите на кардиналните грешки и на катастрофалните одлуки во неколку случаи, сето друго е токму како што предвидов – забошотување, ‘затнување усти’, пополнување дупки, залажување, тивка уцена на оние кои сакаат нивните институции да продолжат да постојат и проектите сепак да бидат реализирани, како-така“, наведува Бузалковска во објавата.

Како што вели таа, во целата ситуација изостанува тотална и темелна ревизија, во која ќе се преиспита како е можно толку големи средства да се одлеат на институции кои не биле ниту легално отворени кога бил завршен конкурсот за програмата.

„И по делумната ревизија, за овие институции и поединци одлуката останува иста, што е сосема разбирливо кога ќе се знае дека таму единствениот или најважниот применет критериум е партискиот. Со тоа, тие крупно го ‘оштетија’ буџетот за култура годинавa и направија, вистински квалитетните проекти да мора да бидат реализирани со мизерни финансии“, смета режисерката.

Бузалковска нагласува дека остануваат и нелогичностите и непропорционалностите меѓу бодирањето и доделените средства, различните аршини за ист тип на проекти и нејасните критериуми.

Таа во објавата на „Фејсбук“ истакнува дека срамно е што повторно никој не презел одговорност за она што се случи и тоа што Министерот за култура мисли дека го решил проблемот.

„Срамно е што премиерот не мисли дека треба да побара оставка од ресорниот министер по еден ваков скандал и што се задоволува со ваквата солуција, срамно е што ова ќе остане уште едно ‘чудо за три дена’, во кое моево писание ќе делува бајато и неинтересно за јавноста, која веќе се занимава со некој потазе и позвучен скандал“, пишува режисерката и додава дека јавноста и фелата не смее толку лесно да се помируваат, односно дека треба да се направи реален напор да се извршат системски промени.

Треба да знаете
Последни објави