Search

Бугарско обвинителство: Отпадот не бил опасен, имало железо, хартија и текстил

Нема радиоактивен или токсичен отпад во откриените 20 контејнери на бугарското пристаниште кои носат отпад од Италија, изјавил окружниот обвинител на Бургас, Георги Чинев, објави „24часа.бг“,  пренесе Фактор.

Според Чинев, единствено има несогласување меѓу декларираниот и установениот отпад оти во документите стоело дека во контејнерите требало да има пластика и каучук, но при проверката, биле откриени уште и железо, хартија и текстил.

Фактор денеска комуницираше со Баже Игнатов, кој заедно со директорот на депонијата „Дрисла“ имаат по 15 отсто во сопственичката структура во компанијата „Блацион“, кој ни посочи на информацијата дека бугарското обвинителство констатирало оти нема опасен отпад во контењерите.

Претходно, медиумите во земјава ги пренесоа пишувањата на бугарските медиуми, дека формата „Блацион“ „извршила увоз на 25 контејнери опасен отпад од Италија“. Беше наведено дека „бугарското Обвинителство веќе отворило истрага за незаконскиот увоз на отпадот од Италија“.

Игнатов денеска ни изјави дека ништо од овие наводи не е точно, и дека воопшто не станува збор за никаков опасен отпад.

Затоа тој најави дека денеска веќе се консултира со адвокат, и дека ќе има кривични пријави за дел од медиумите во земјава кои објавија дека негова компанија увезувала опасен отпад од Италија.

„Нема вистина во тоа, нема ни опасен отпад, а тоа го потврди денеска и бугарското обвинителство. Медиумите треба прво да проверат, пред да пишуваат“, рече Игнатов.

Инаку, бугарското обвинителство ја отвори истрагата и соопшти дека содржината на отпадот на пристаништето Бургас се разликува од она што е декларирано на царинскиот документ. Отпадот бил транспортиран со брод на 5 септември лани, и му бил определен режим на времено складирање во рок од 90 дена. Откако сопственикот не реагирал на предупредувањето на Царинската управа, бидејќи бил истечен дадениот рок, Обвинителството започнало истрага.

Треба да знаете
Последни објави