Search

Бугарскиот претседател Радев го распушти парламентот и закажа нови предвремени избори за 2 април

Бугарскиот претседател Румен Радев денеска го распушти парламентот на земјата и распиша предвремени избори за 2 април. Радев назначи и преодна влада пред вонредните парламентарни избори, петти во Бугарија во последните две години, објави АП.

Тој повторно го назначи Галаб Донев, 55-годишен независен политичар, да остане на чело на привремената влада додека следниот парламент не ја избере новата влада.

Назначувањето доаѓа откако трите најголеми политички групи во длабоко поделеното Национално собрание не успеаја да најдат заеднички јазик за одржлива коалициска влада по последните предвремени избори, одржани во октомври.

Десничарската партија ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов освои 67 пратенички места, повеќе од која било друга партија, но не и мнозинство во 240-члениот парламент.

Другите партии одбија да формираат сојуз со ГЕРБ поради обвинувањата за корупција и наводниот неуспех на партијата да ги спроведе реформите кога беше на власт.

Либерална партија Продолжуваме да се менуваме и социјалистите не најдоа доволно поддршка за формирање влада.

Бугарија е членка на Европската Унија и НАТО.

Треба да знаете
Последни објави