Search

Бугарскиот парламент усвои резолуција за Македонија

Народното собрание на Бугарија денеска без дискусија усвои декларација во која „се осудуваат антибугарските пројави во Република Северна Македонија“. Декларацијата беше поддржана од 185 пратеници, а еден беше воздржан, пренесува БТА.

До парламентот беа доставени четири нацрт-декларации, од ГЕРБ-СДС, „Продолжуваме на промените“, „Демократска Бугарија“ и „Преродба“, врз основа на кои е изготвен и изгласан заеднички нацрт предложен од Комисијата за надворешна политика.

Бугарскиот парламент во усвоената декларација ги осудува „пројавите и повиците за насилство врз Бугарите во Северна Македонија, нивните организации и клубови, а особено тешкиот престап врз Бугаринот Христијан Пендиков“ и бара да бидат преземени системски мерки од сите институции за откривањена сторителите и нивно изведување пред правдата.

Народното собрание исто така, изразува и „противење на трајното неспроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија од 2017 година и билатералните протоколи од состаноците на Мешовитата меѓувладина комисија од чл. 12 од 2019 и 2022 година“.

Во декларацијата се изразува и загриженост дека „ескалацијата на антибугарската кампања во Северна Македонија може да го загрози процесот на вклучување на Бугарите во Уставот на земјата, како и развојот на демократските процеси и институции во Северна Македонија и нејзиниот пат кон членство во Европската Унија, што им служи на интересите на трети страни“

Треба да знаете
Последни објави