Search

Бугарија со ексклузивна понуда за Фолксваген

Со цел да се обезбеди договор за новата фабрика на Фолксваген, Бугарија е подготвена двојно да ги зголеми субвенциитете што ги нуди, пишува германскиот весник Франкфуртер Алгемајне Цајтунг.

– Најдовме начин да му понудиме на Фолксваген 250 до 260 милиони евра, наместо 135 милиони евра, изјави поранешниот шеф на државата Розен Плевнелиев за ФАЦ.

Во моментов, Плевнелиев е претседател на автомобилскиот кластер во Бугарија и активно лобира за својата земја.

Бугарија на Фолксваген му нуди голема индустриска област надвор од главниот град Софија, во близина на аеродромот.

Бугарскиот премиер Бојко Борисов, пак, наведе добри услови за германските инвеститори и многу ниски даноци.

Германскиот производител на автомобили веќе формираше турска единица во западниот град Маниса на почетокот на октомври, поставувајќи ги темелите за нејзиното производство во Турција.

Меѓутоа, автомобилскиот концерн Фолксваген ја одложи одлуката за изградба на фабрика во Турција, во момент кога Анкара спроведува операција во Сирија, јави весникот „Ханделсблат”, повикувајќи се на свои извори.

– На целата ситуација гледаме со голема претпазливост, изјави претставник на Фолксваген за „Ханделсблат”.

На 9 октомври турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го објави почетокот на операцијата „Извор на мирот” во северна Сирија против Курдската работничка партија и терористичката група Исламска држава.

Во новата фабрика во Маниса, во близина на пристаништето во Измир, планирано е да се произведуваат новите модели „Пасат” и „Шкода Суперб”. Фолксваген ќе инвестира една милијарда евра во погонот. Планирани се 4.000 работници, а по 2022 година фабриката треба да произведува 300.000 возила годишно. За таа цел, Фолксваген регистрираше подружница во Маниса со капитал од 150 милиони евра.

Треба да знаете
Последни објави