Search

Бугарија: Поддршка за Северна Македонија, но со целосно спроведување на Договорот за добрососедство

Бугарија дава целосна поддршка за интеграцијата на Република Северна Македонија во Европската Унија, се вели во нацрт-декларацијата на Националното собрание, посветена на проширувањето на ЕУ и на Процесот на стабилизација и асоцијација на Република Северна Македонија и Албанија, објави БГНЕС.

Во нацрт-документот, Софија го повикува Скопје да го спроведе ефикасно, без одложување и со добра волја, Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, што го потпишаа премиерите на двете држави Бојко Борисов и Зоран Заев на 1 август 2017 година.

БГНЕС пишува дека Бугарија инсистира на прифаќање на историската вистина за заедничката историја што ја споделуваат двете земји и нации.

„Целосно да го спроведат договореното и постигнатото во рамки на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, како и тие да бидат вклучени во училишните програми и материјали во најкус можен рок“, се наведува во нацрт-документот.

Нацрт-декларацијата на Националното собрание, исто така, бара да се стави крај на сите форми на говор на омраза против Бугарија и граѓаните на Република Северна Македонија со бугарско национално чувство, вклучително и во медиумите, натписите на спомениците, спомен-плочите и др.

Во однос на Албанија, се бара гарантирање „со максимален степен“ на правото на бугарското национално малцинство во оваа држава да го изучува бугарскиот литературен јазик како мајчин јазик во регионите во кои живее – Голо брдо, Гора, Преспа, Корча, Елбасан и Кукс. Во нацрт-документот се бара и спроведување на попис на населението во Албанија во согласност со европските стандарди, со цел да се добие објективна слика за етничкиот состав на земјата.

„Врз основа на ова и под овие услови, Четириесет и четвртото Национално собрание на Република Бугарија го поддржува започнувањето на претпристапните преговори на ЕУ со Република Северна Македонија и Република Албанија“, се нагласува во нацрт-документот.

Треба да знаете
Последни објави