Search

Бугарија им екстрадира руски хакер на САД

Бугарија им екстрадираше на САД руски хакер обвинет во Америка за организирање комплексен хакерски напад, соопшти руската амбасада во Вашингтон. Според соопштението, Александар Жуков е предаден вчера во затворот во Бруклин во Њујорк.

„Службениците на рускиот генерален конзулат во Њујорк наскоро ќе го посетат“ соопшти амбасадата.

Жуков е еден од осумтемина, главно руски државјани, кои САД ги обвинија во ноември 2018 година дека организирале комплексен систем на лажни онлајн огласи, кои ги чинеле компаниите десетина милиони долари.

Украинец со руско потекло, шест Руси и двајца Казахстанци се обвинети за електронска измама, сајбер упад, кражба на идентитет и перење пари. Тројца се уапсени во странство, но останатите и натаму се во бегство.

Жуков, кој по потекло е од Санкт Петербург, е уапсен во ноември во Бугарија, каде живеел од 2010 година.

Според властите, една од измамите од овие хакери е спроведена меѓу 2014 и 2016 година и ги чинела околу седум милиони долари компаниите кои купувале онлајн реклами, кои корисниците на интернет никогаш не ги виделе.
Според обвинението, хакерите ги програмирале серверите да симулираат човечка активност на интернет.

Втората измама била применувана од 2015 до 2018 година, со која биле фалсификувани милијарди прегледи на реклами.

Според американските власти, на овој начин фирмите испалатиле повеќе од 29 милиони долари за реклами кои во стварност никогаш не биле видливи на интернет.

Треба да знаете
Последни објави