Search

Бугарија денеска ќе го ратификува Протоколот за НАТО

Собранието на Република Бугарија денеска ќе го ратификува Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО.

На пленарната седница на која ќе се гласа за ратификацијата ќе присуствува претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери кој престојува во официјална посета на Бугарија.

Како што соопштија од прес-службата на бугарското Собрание, се очекува Џафери пред пленарната сеница да одржи средба со неговата бугарска колешка Цвета Карајанчева, а по чинот на ратификацијата двајцата ќе дадат изјави за медиумите.

Предвидено е Џафери да има средба и со вицепремиерката и министерката за надворешни работи на Бугарија Екатерина Захариева. Захариева на почетокот од месецов изјави дека Бугарија ќе биде една од првите држави што ќе го ратификуваат договорот за присоединување на нашата држава во НАТО, бидејќи тоа е од национален интерес за Бугарија. Истото се однесува и за влезот на земјата и во Европската унија, рече шефицата на бугарската дипломатија.

Парламентарната Комисија за одбрана при бугарското Собрание на 15 февруари го одобри протоколот и им препорача на пратениците да го усвојат.

Протоколот за членство во НАТО прва го ратификуваше Грција, а досега тоа го направија и Словенија и Албанија.

Треба да знаете
Последни објави