Турското Министерство објави дека се регистрирани 1538 нови случаи на инфекција во последните 24 часа, а имало вкупно 301.348 од почетокот на ширењето на ковид-19. Бројот на смртни случаи од оваа болест се зголеми за 68, на 7445.

Претседателот Реџеп Таип Ердоган вчера рече дека владата треба да ги засили епидемиолошките мерки за да го спречи зголемувањето на новите случаи на инфекција.

Новиот значителен пораст на бројот на заразени во Турција предизвика тензии меѓу лекарите кои велат дека официјалните податоци го минимизираат ширењето на болеста и политичарите кои ги обвинуваат здруженијата на здравствени работници за поткопување на напорите за борба против епидемијата.

Дневно се пријавуваат околу 1.600 нови инфекции и 60 смртни случаи, што е значително помалку отколку во екот на епидемијата во април, но тие бројки стабилно растат и просечниот дневен биланс на смртни случаи сега е трипати поголем отколку во јуни-август.

Лекарите во Турција носеа црни панделки оваа недела во спомен на нивните мртви колеги, а протестот вклучува кампања на социјалните мрежи со порака до владата: „Вие не знаете како да управувате со кризата: исцрпени сме“.

Многу лекари се сомневаат во официјалниот број на заразени лица и починати од ковид-19, тврдејќи дека иако немаат свои независни податоци за целата држава, размерот што го гледаат на локално ниво не е во согласност со пошироката слика претставена од владата.

Кампањата на лекарите предизвика остра реакција на сојузникот на Ердоган во парламентот, кој ги обвини за предавство и повика на затворање на медицинските здруженија.

„Турското лекарско здружение е исто толку опасно како коронавирусот и шири закани“, напиша на Твитер Девлет Бахчели од Националистичкото движење. Партијата на правдата и развојот на Ердоган (АКП) го задржува мнозинството во парламентот благодарение на сојузот со оваа партија.

„Здружението на лекари, кое го има зборот„ турски “во своето име, треба да биде затворено веднаш и без одлагање“, рече Бахчели.

Министерот за здравство Фахретин Коца ги отфрли критиките на здружението, велејќи дека тој постојано предупредувал на заканата од пораст на бројот на нови инфекции и не ги потценувал предизвиците со кои се соочуваат болниците.

„Велам дека ситуацијата е проблематична. Велам дека бројот на критични случаи е зголемен за 100 проценти во споредба со минатиот месец“, рече тој пред новинарите.

„Бројот на починати е 4,5 пати поголем од минатиот месец, но апсолутно нема грешка во податоците што ги објавивме во врска со оптоварувањето на здравствениот систем“, рече турскиот министер.