Search

Бројот на жртви од пожарот во Калифорнија се искачи на 56, исчезнати се 130 лица

Бројот на жртви во најсмртоносниот пожар во историјата на Калифорнија се зголеми на 56, додека 130 луѓе се водат како исчезнати во огнената стихија која веќе една седмица беснее во сојузната американска држава.

Властите соопштија дека се пронајдени уште осум тела, со што бројот на жртвите се искачи на 56, а полицијата објави ревидирана листа од 130 лица кои нивните најблиски ги пријавиле како исчезнати, откако минатиот четврток пламените јазици го зафатија населеното место Парадајс, околу 175 километри северно од Сан Франциско, пренесе агенцијата АП.

Војниците на Националната гарда се приклучија во потрагата по рушевините во овој скоро целосно изгорен град во северна Калифорнија, објави „Ројтерс“.

Повеќето луѓе на листата со исчезнати се постари од 65 години. Првично, околу 230 лица беа пријавени за исчезнати во пожарот, наречен Camp Fire.

Повеќе од 8.900 куќи и други објекти изгореа во областа на Парадајс и неговата околина, додека за околу 50.000 луѓе од овој регион останува на сила налогот за евакуација.

Треба да знаете
Последни објави