Search

Бројот на жртвите од Ковид-19 во Грција се зголеми на 43 лица

Уште пет лица во Грција починаа од коронавирусот со што бројот на жртвите од почетокот на епидемијата се зголеми на 49, додека бројот на заразени лица изнесува 1212, од кои 56 се нови, согласно податоците од Министерството за здравство на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Бројот на регистрирани нови случаи денеска е речиси двојно помал од вчерашниот и завчерашниот, со фактот дека во изминатите 24 часа, уште 56 лица се заразени со Ковид-19, додека пак вчера и завчера имаше по 95 нови случаи.

Како што соопшти претставникот за Ковид-19 од Министерството за здравство на Грција, професорот епидемиолог Сотирис Циодрас на редовната секојдневна прес конференција, од хоспитализираните лица 72 се приклучени на апарати, додека пак од починатите, 32-ца се мажи и 11 жени, а просечната возраст е 71 година.

Професорот Циодрас и заменик- министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас, уште ја истакнаа важноста сите граѓани да ги почитуваат мерките.

Хардаљас го повтори она што денеска го соопшти и владиниот портпарол дека оваа година за Велигден Грците ќе останат дома, а воедно ги повика Грците, сега кога се зголемува денот и се подобрува времето да се воздржат од непотребни излегувања и движења, бидејќи во спротивно, како што рече, владата ќе биде принудена да преземе построги мерки.

Треба да знаете
Последни објави