Search

Броевите што требало да се прислушуваат на маркирачите им биле доставувани на ливчиња, сведочи Лазаревски

Броевите што требало да се прислушуваат на маркирачите им биле доставувани на ливчиња, сведочи Лазаревски

Со новиот систем за прислушување „Најс“ се запознав во 2012 година додека бев во канцеларија заедно со Марјан Јанкуловски и Влатко Ѓорѓиевски, кои беа поставени како маркирачи во системот, односно оние кои ги внесуваат броевите што треба да бидат прислушувани. Во периодот од 2012 до 2013 година и двајцата ниту еднаш не донесоа официјален документ што личи на наредба за прислушување. Броевите претежно ги носеа напишани на ливчиња, сведочи Ѓорги Лазаревски, поранешен вработен во УБК кој ги извади нелегално прислушуваните разговори од МВР, на рочиштето за предметот „Таргет – Тврдина“.

„Марјан и Влатко експлицитно ми кажаа дека маркираат и експортираат. Многу често и на едниот и на другиот ќе им заѕвонеше телефонот и велеа дека имаат работа во системот. При заминувањето велеа дека ги вика Горан, мислејќи на началникот Горан Грујевски, или Надица Николиќ. Имаа автомобили на располагање, според нивното кажување, оделе да маркираат броеви во системот надвор од работното време. Беа прилично дискретни и не зборуваа за својата работа“, рече Лазаревски.

Од разговорот со другиот сведок во случајот Звонко Костовски, Лазаревски дознал дека нелегалниот број на таргети кои биле прислушувани далеку го надминувал бројот на легални таргети. Костовски му рекол дека станува збор за огромен број податоци и дека истите целосно не може да се извадат од датабазата.

Лазаревски појасни дека податоците што се вадат од датабазата се неразбирливи и се читаат само со специјална станица што се користи исклучиво за судски предмети.

Треба да знаете
Последни објави