Search

Брнз: Новата Влада да се формира во предвидените рокови

Американската амбасадорка во земјава Кејт Мери Брнз во интервју за весникот „Коха” порача новата влада да се формира во предвидените рокови, со цел да се продолжи борбата против здравствената криза со Ковид-19. Таа исто така вели дека САД ќе соработуваат со сите политички парти во земјата за да се продолжи евроатланскиот пат на Северна Македонија.

-Ние очекуваме партите да се соберат и да ги исполнат роковите. Со оглед на кризата со Ковид-19 и други важни проблеми со кои се соочува земјата, постигнувањето договор за нова Влада што ќе може да ги реши овие проблеми е приоритет, вели Брнз за „Коха”.

На прашањето за идејата на ДУИ за прв албански премиер, американската амбасадорка оценува дека плуралистичкиот систем на земјава овозможува избор на премиер со гласови на мнозинство пратеници, без оглед на етничката припадност.

-Зависи од мнозинството во Парламентот што ќе ја изгласа идната Влада. Одредени квалификации на премиерот и неговата или нејзината способност да ја добие поддршката на мнозинството пратеници се, по природа на вашиот парламентарен систем, одлучувачки фактори тука, без оглед на етничката или политичката припадност, рече Брнз.

Зборувајќи за приоритетите што треба да ги има следната Влада, амбасадорката Брнз вели дека треба да се искористи моментот.

-Новата влада ќе мора да постави свои приоритети. Од наша гледна точка, се надеваме дека таа ќе има за цел да извлече бенефит од моментот кога е овозможено членството во НАТО и напредокот кон ЕУ. Спроведувањето на потребните реформи и решавањето на прашањата на владеењето на правото и корупцијата, вклучително и спроведувањето на правдата со неказнивост, ќе биде клучно за овој процес. Најважно е да не се изгуби моментот, рече Брнз.

Треба да знаете
Последни објави