Search

Британските туристи брзаат да ја напуштат Франција поради воведувањето карантин

Британците брзаат кон својата татковина од одморот во Франција, откако владата во Лондон објави дека наскоро ќе воведе 14-дневен карантин за патниците од таа земја.

Британската влада објави дека ќе воведе задолжителен карантин за повратниците од Франција во сабота од 3 часот по полноќ, давајќи им нешто повеќе од 24 часа на околу 160.000 британски туристи да се вратат дома.

Ненадејното воведено правило им зададе нов удар на туристите, авиокомпаниите и тур-операторите, уште повеќе што Париз најави дека ќе воведе реципрочна мерка.

Голем број Британци се упатија кон француското пристаниште Кале, надевајќи се дека навреме ќе фатат ферибот или воз за дома.

„Ги сменивме плановите кога ја слушнавме веста минатата вечер. Решивме да се вратиме дома еден ден порано за да избегнеме карантин“, рече една Британка во Кале.

Новите правила се однесуваат за Франција, која е втора најпопуларна дестинација за Британците, но и за Холандија и Малта, објави министерот за транспорт Грант Шапс.

Треба да знаете
Последни објави