Search

Британија со најголеми вложувања во армијата од Студената војна

Британскиот премиер Борис Џонсон ќе објави денеска во Парламентот вложување дополнителни 16,5 милијарди фунти за војската во следните четири години, што е најголема инвестиција во тој сектор од крајот на Студената војна.

Воениот буџет во моментов изнесува нешто помалку од 42 милијарди фунти годишно.

Џонсон во Парламентот ќе ги претстави првите заклучоци од најголемата надворешно-политичка и одбранбена ревизија во последните три децении.

„Таа одлука ја донесов во услови на пандемија бидејќи одбраната мора да биде на прво место”, се вели во соопштение на Џонсон. Тој посочи дека меѓународната ситуација е поопасна и поконкурентна отколку во кое било време од Студената војна, па затоа Велика Британија мора да биде верна на својата историја и да застане покрај своите сојузници.

„За да го постигнеме тоа, треба да ги подобриме нашите капацитети преку границата”.

Владата наведува дека зголемувањето на трошоците за армијата ќе ја зајакне позицијата на Велика Британија како земја што троши најмногу на одбраната во Европа и која е втора во НАТО по тој параметар.

Според Џонсон, тоа ќе овозможи зголемување на инвестициите во области како што се кибер одбрана и вселената. Премиерот ќе објави и формирање нова агенција што ќе се занимава со вештачка интелигенција и нова „вселенска команда”, што треба да ја лансира првата британска ракета во 2022 година.

Комплетните заклучоци од ревизијата ќе бидат презентирани следната година.

Треба да знаете
Последни објави