Search

Брзи зелени линии за транспорт на земјоделските производи во регионот

Македонија од оваа година го презема претседателството со Секретаријатот Постојаната работна група за регионален рурален развој (SWG). Ова денеска и официјално беше соопштено на годинешниот 12-ти работен состанок на Министрите за земјоделство од Југоисточна Европа.

Министерот за земјоделство, Љупчо Николовски, посочи дека целта на оваа конференција е да се потенцира важноста на регионалната соработка, од која што бенефит ќе имаат економиите вклучително и земјоделството на земјите од ЈИЕ.

Нашите заеднички аспирации на целиот регион  се во насока на засилена регионална  соработка во делот на размена на искуства  особено во делот на евроинтеграциите кон кои се стреми македонската Влада, посебно во делот на искористеноста на ИПАРД фондовите. Денеска исто така  ја потврдивме и поддржавме нашата иницијатива за регионална трговија која што подразбира нови брзи зелени линии во делот на транспортот особено на земјоделските производи во регионот, што е од голема важност за земјите од ЈИЕ.  Како земја која се стреми да напредува во процесот на интеграција во ЕУ и  кон креирање ефикасна земјоделска политика, подобрувањето на организациската и оперативната основа ни се повеќе од потребни. За мојата земја, која се подготвува за претстојниот процес на преговори, оваа заедничка регионална аналитичка работа е од исклучителна важност“, изјави министерот Николовски.

Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев на свеченото отворање на конференцијата  потенцираше  дека земјоделството е особено важна гранка за економијата и затоа  Владата е посветена на развој на секторот посебно кон вклучување на младите во овој сектор.

Земјоделството мора да се осовременува. Потребна е нова, современа механизација, да се користат модерни технологии и да се користат најновите научни методи во земјоделството, во насока на раст на оваа гранка. ИПАРД програмата, со поддршка од ЕУ, помага во голема мера за развој на земјоделието, а во  2018 година за оваа програма се наменети 10 милиони евра. Сепак сметам дека ова не е доволно, а со пристапување на Република Македонија кон ЕУ, очекуваме да се зголеми поддршката од ЕУ со пристап до фондовите. Впрочем, искуствата кажуваат дека земјите кои пристапуваат во ЕУ, имаат поголем пристап до финансиски средства од ЕУ фондовите од 7-10 пати“, нагласи Анѓушев.

Вицепремиерот Анѓушев потенцираше дека клучно за развојот е земјите од регионот пред да  станат дел од ЕУ, најпрво да научат поефективно и поефикасно регионално да соработуваат, што значи и практично отстранување на административните бариери и усогласување на лиценците,  дозволите и другите потребни документи кои би важеле во сите земји порача Анѓушев.

На конференцијата учествуваат ресорните министри и потпретседатели на Владите на  Босна и Херцеговина и   Црна Гора, министерите за земјоделство на Бугарија, Словенија, Албанија,заменик министерот од Косово,  државни секретари од Србија, Хрватска, Унгарија, претстваници од министерствата од Германија, Чешка, како и претставници од Европската комисија, Организацијата за храна и земјоделство и ГИЗ.

 

Треба да знаете
Последни објави