Search

Борел: Мораме да го внесеме Западен Балкан во ЕУ

Министерот за надворешни работи на ЕУ, Жосеп Борел, оцени дека европскиот политички модел, заснован на демократијата и почитувањето на човековите права, се соочува со предизвици и додаде дека „битката на наративите“ е особено видлива на Западен Балкан.

-Ние мора да ја одржиме нашата намера да го внесеме Западен Балкан во ЕУ, рече Борел во обраќањето пред германските амбасадори за време на видео конференцијата.

Тој оцени дека во светот се случуваат многу „драматични промени“, при што Соединетите држави сè повеќе го губат приматот, а Азија станува сè повеќе економски, безбедносен и технички застапена.

-Ковид -19 е прва голема криза во последните децении кога Соединетите држави не го предводат глобалниот одговор. Насекаде каде што гледаме, гледаме зајакнување на ривалството, особено помеѓу САД и Кина, изјави Борел.

Оценувајќи дека притисокот да се „избере страна“ расте, Борел оценува дека ЕУ треба да ги следи сопствените интереси и да не биде инструментализирана ниту од Вашингтон, ниту од Пекинг.

-Ни треба подобар стратегиски пристап за управување со ранливите и зависни делови. Светот ризикува да стане помалку слободен, помалку успешен, помалку еднаков и поделен, и затоа вие дипломатите ќе имате многу работа, рече Борел пред германските амбасадори во светот.

Германија ќе го преземе претседателството на Советот на ЕУ од Хрватска на 1 јули.

Претходно беше најавено дека Западен Балкан и проширувањето ќе бидат еден од приоритетите на германската агенда до крајот на 2020 година.

Треба да знаете
Последни објави