Search

Боки 13 пред Апелација: Русковска е адвокат на две мафии во Македонија

Јас не ја сметам Вилма Русковска за надлежен јавен обвинител, туку  адвокат на две мафии во Македонија, рече обвинетиот во случајот “Рекет”, Бојан Јовановски пред судиите од Апелацискиот суд, објави „Фокус“.

Во речиси целото негово образложение на жалбата со која бара да биде пуштен во притвор, главниот акцент Јовановски го стави на обвинителката Вилма Русковска. На судиите од Апелација им порача да не се плашат од, како што рече, невкусниот речник на Русковска, алудирајќи на пораката која му ја испрати Русковска на судијата Јани Нича, дека ќе ги тресе од гаќи.

Токму Нича е претседател на судечкиот совет кој ќе одлучува за притворот на Јовановски, а Русковска ја налути кога ја пушти од притвор поранешната специјална обвинителка Катица Јанева.

-Истото ми се случуваше и мене  во истражната постапка. Јас сум единственото лице кое не е испитано од јавниот обвинител, бев уценуван од јавниот обвинител да кажам дека Катица Јанева е виновна.  Ми рече дека сака да ја бетонира Фросина Ременски бидејќи е пратеник, но нема доволно докази па јас тоа да го потврдам, рече Јовановски. Тврдеше дека Русковска му се заканувала дека ќе одговараат и неговиот татко и неговата асистентка.

Јовановски рече дека ќе бара меѓународна истрага за овој случај и обвини дека Русковска го пуштила обвинетиот Зоран Милевски Кичеец во куќен притвор наводно поради здравствена состојба, а всушност го пуштила дека и дал снимки за предметот. Тоа според него е злоупотреба на службената положба од страна на Русковска

Тој ја објаснуваше неговата здравствена состојба и рече дека кога бил во болница бил исфрлен предвреме како куче. Неговиот родител кој досега му носел храна идниот петок ќе одел на операција, па тој ќе мора да гладува бидејќи не смее да јаде од затворската храна.

– Се прикажува дека јас сум најголемиот злосторник, небаре сум ги украл парите на граѓаните, а оние кои ги украдоа се на слобода, рече Јовановски.

Одбраната на Бојан Јовановски понуди куќа во вредност од блиску 100.000 евра и локал во вредност од 50.000 евра како гаранција на барањето да му се укине мерката притвор каде што Боки е веќе седум месеци.

 

Треба да знаете
Последни објави