Search

Богоев: Спортската сала Партизан повторно ќе стане препознатлив бренд за Карпош и Скопје

Стефан Богоев- градоначалникот на Карпош за 24 инфо вели дека вели дека изборната програма е негов основен водич во работата. За себе вели дека младоста и енергијата ги користи за да биде постојано достапен и присутен за граѓаните. Иако Карпош е една од најзадолжените општини во државава на граќаните им ветува чист воздух. Редовно има приемни денови, организира попладневни маалски средби, а респонзивноста и на сите социјални мрежи е на многу високо ниво. Но сепак има време и за приватен живот за дружба со другари, пријатели…

 -Две години откако сте на функцијата градоначалник. Што беше планирано за овој период, а што е остварено?

– Најпрво, изборната програма е мој основен водич во работата. Секојдневно и јас и секторите се обидуваме да ги реализираме дадените ветувања. Меѓу главните проекти ни e Спортско – Адреналинскиот парк (од вештачката карпа до бунарите на р.Лепенец), кој е во тек на реализација и наскоро ќе почнат изведбени активности. Започнавме со Иницијатива за спас и обнова на спортската сала „Партизан“ и очекуваме да ни биде дадена на трајно користење. Оваа сала повторно да биде препознатлив спортски бренд за Карпош и Скопје. Бардовци за прв пат доби целосно нова градинка, а нов објект доби и градинката „Мајски цвет“, во Тафталиџе 2. Значително работиме на зголемување на капацитетите за грижа и едукација на нашите најмладите, да добијат квалитетно и сеопфатно предучилишно образование. Искрено, не го заборавам предизборниот период и не сакам да се отргнам од главните проблеми кои беа посочени тогаш. Програмата ја креиравме  во духот на екологијата и чистиот воздух. Инвестираме во надоместување на изгубеното зеленило. Изминатиов период засадивме повеќе од 300 веќе развиени дрвја, го зголемивме меѓублоковското (зеленило), зеленилото меѓу зградите, а почнуваме и со посериозно одржување на тревните површини. Аерозагадувањето е еден од најсериозните проблеми, не само за Карпош, туку и за целата држава. Затоа ги интензивираме инспекциските контроли, отворивме телефонска линија за пријавување на миризба и огнови на отворено, затворивме дви диви депонии (кај мостот „Газела“ и кај Спортскиот центар „Борис Трајковски“), набавуваме цистерни за миење на улиците, субвенциониравме велосипеди во три наврати, заедно со Министерството за животна средина го менуваме системот на греење на градинката „Пролет“, во Влае и дел од системот на основното училиште „Аврам Писевски“ во Бардовци. Од нафта, овие две јавни установи ќе преминат на обновливи извори на енергија – геотермални пумпи. Сепак, на ова поле имаме уште многу работа и само со сериозна акција од сите општини, институции, граѓани и организации ќе успееме да ја добиеме борбата со загадувањето. Од другите проекти кои веќе се реализирани, би ја истакнал картичката за попусти и бенефиции „Мој Карпош“, обновата на игралиштето и ресетирање  на турнирот „Сокол“, дел од училишните дворови прераснаа во спортско – рекреативни центри (ООУ „Војдан Чернодрински“, „Јан Амос Коменски“), ревитализиран е спортскиот центар „Лепенец“ и поддржана е младинската школа на ФК „Лепенец“, добивме нов зелен, маалски сквер меѓу Тафталиџе 2 и Нерези…

– Каква е соработката со централната власт?

Со Владата и со ресорните министерства имаме добра, конструктивна соработка и се надополнуваме во различни области. Значајна е поддршката која ја добиваме преку Планот за намалување на аерозагадувањето, како и во делот на детската и социјална заштита, но и во други сфери. Сметам дека локалната самоуправа, не само Карпош туку и сите други општини, заслужуваат уште поголема поддршка и градење на систем за силни општини. Карпош е меѓу најзадолжените општини во нашата држава, а локалната власт се смета како „најистурен“ играч на терен. Буквално сите ја лоцираат одговорноста кај општините, за најразлични проблеми, прашања, а не секогаш имаме ресурси и можности да одговориме соодветно. Затоа сметам дека главен предизвик за претстојниот период е да ги зајакнеме капацитетите на општините, вистинска децентрализација на обврски, но и на средства и ресурси за да се испорачаат квалитетни услуги и проекти.

– Колку новите обврски ви оставаат простор за приватниот живот?

Секако дека работата не е само во текот на работното време туку таа продолжува и потоа. Телефонот често ѕвони, голем број на прашања и на социјалните мрежи, а и кога си на кафе ќе дојдат, ќе те  прашаат за проблем, потреба или слично… Сепак, не сакам да се жалам, затоа што и во кампањата говорев дека младоста и енергијата ќе ги искористам за да бидам постојано достапен и присутен за граѓаните. Редовно имам приемни денови, организираме попладневни маалски средби, а респонзивноста и на сите социјални мрежи е на многу високо ниво. Но, колку – толку правам баланс и успевам да одвојам доволно време за приватниот живот, за дружба со другари, пријатели…

-Што им ветувате на граѓаните за следниот период и дали ќе се кандидирате на следните избори?

На граѓаните им ветувам посветена борба од моја страна и од страна на Општината за справување со аерозагадувањето. Голем број на руинирани, јавни површини етапно ќе ги уредуваме и ќе прераснат во тревници. Работиме и на првото инклузивно детско игралиште на плоштадот „Делфина“. Ќе се реконструира и главната улица во Криви Дол, и во оваа место, кое со години беше заборавено ќе имаме нов детски парк. Интензивно ќе се работи на новиот, Спортско – Адреналински парк долж Вардар, и секако, на обнова на „Партизан“ и негово враќање во функција на спортот. Од оваа перспектива сметам дека сеуште е рано да се каже дали ќе се кандидирам на следните избори. Јас знам дека со сите напори ќе продолжам да работам на реализација на мојата програма. Како нова генерација на политичари треба да испорачаме резултати

Валентина Ангеловска

Фото: Слободан Ѓуриќ

Треба да знаете
Последни објави