Search

„Блескај како дијамант“: Барбадос ја прогласи Ријана за национален херој

Барбадос ја прогласи пејачката Ријана за национален херој на прославата на републиката во нејзиниот роден град Бриџтаун.

Премиерката Миа Мотли најави дека на 33-годишната музичка ѕвезда ќе ѝ биде доделена честа Националниот херој на Барбадос, а ваквата најава беше дочекана со бурни овации. Ријана потоа ја повикаа да застане пред публиката заедно со премиерката Мотли.

„Продолжи да сјаеш како дијамант и да ѝ носиш чест на твојата нација со твоите дела, со твоите постапки“, ѝ рече Мотли на Ријана, алудирајќи на нејзиниот хит Diamonds кој беше на врвот на топ листите во 2012 година.

Ријана е најпознатата граѓанка на Барбадос и во 2018 година беше назначена за официјален амбасадор за култура и млади. Таа никогаш не го смекна својот бајански акцент, а нејзината музика, иако има елементи на поп, аренби и денс музиката, останува поврзана со нејзиното карипско наследство.

Мотли рече дека суперѕвездата ја поттикна „фантазијата на светот преку потрагата по извонредност со нејзината креативност, нејзината дисциплина и пред сè друго, нејзината извонредна посветеност на земјата каде е родена“.

Ријана (33) е родена во Сент Мајкл, а израсната во главниот град Бриџтаун. Таа стана славна откако американскиот продуцент Еван Роџерс ги препозна нејзините таленти. Нејзиниот сингл „Umbrella“ од 2007 година ја потврди како една од најголемите светски поп ѕвезди.

Покрај тоа што продолжи да прави музика, Ријана има многу успешна бизнис кариера со нејзината групација компании Fenty. Во август Forbes процени дека таа вреди 1,7 милијарди долари, од кои околу 1,4 милијарди долари потекнуваат од вредноста на нејзината козметичка компанија, Fenty Beauty, партнерство со францускиот моден гигант LVMH.

Ријана се придружува на избраната група од 10 други жители на Барбадос, вклучувајќи го Гарфилд Соберс, кој се смета за еден од најголемите играчи на крикет на сите времиња и единствениот друг жив национален херој.

Треба да знаете
Последни објави