Search

Битолскиот универзитет може да запише 2935 бруцоши

Универзитетот „Св. Климент Охридски”-Битола го објави конкурсот за запишување студенти во прва година за претстојната академска година.

УКЛО-Битола во трите категории за студирање, односно за упис на редовни студенти, редовни студенти со кофинансирање во студирањето и за вонредни студенти нуди 2 935 слободни места.

Најмногу слободни места за упис овозможува Технички факултет-Битола каде во повеќе струки и насоки ќе може да се запишат 505 студени, Факултетот за информатички и комуникациски технологии нуди 400 слободни места, а исто толку студенти во прва година ќе може да се запишат и на Факултетот за безбедност во Скопје.

Од УКЛО-Битола информираат дека 330 индекси може да бидат врачени на студенти кои ќе одлучат да студираат на Економски факултет во Прилеп, 300 бруцоши може да се запишат на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, додека Високата медицинска школа во Битола ќе може да запише максимум 280 студенти.

Според објавениот конкурс, на Правниот факултет со седиште во Кичево ќе може да се запишат 220 студенти, на Педагошкиот факултет во Битола огласени се 215 места, а на Факултетот за биотехнички науки 165 места. Како и минатата академска година, така и оваа најмалку места за упис се нудат за Технолошко-технички факултет со седиште во Велес каде може да се запишат 75 и на Ветеринарен факултет во Битола каде може да се запишат 45 студенти, од нив 30 редовни и 15 вонредни студенти.

Единиците на Универзитетот ,,Св. Климент Охридски” – Битола нема да наплаќаат партиципација за  лица без родители помлади од 26-годишна возраст, доколку се невработени,  лица со инвалидност во согласност со уредбата која ја донесува Владата, воени инвалиди и лица растени во домови за напуштени деца.

Првиот уписен рок на Универзитетот „Св. Климент Охридски”-Битола ќе се реализра на 29 и 30 август.

Треба да знаете
Последни објави