Search

Билатерални средби на претседателот Пендаровски со претседателот на Латвија, со премиерот на Хрватска и со шефот на Баварската државна канцеларија и државен министер за сојузни работи

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска во Минхен, на маргините на 56. Минхенска безбедносна конференција, оствари билатерални средби со претседателот на Република Латвија, Егилс Левитс, со премиерот на Република Хрватска, Андреј Пленковиќ и со шефот на Баварската државна канцеларија и државен министер за сојузни работи, Флориан Херман.

На средбата со претседателот на Република Латвија, Егилс Левитс, претседателот Пендаровски оцени дека двете држави во континуитет градат пријателски и партнерски односи, бележејќи позитивен тренд во развојот на соработката во повеќе сфери од општественото живеење. На средбата беа разменети мислења за состојбите во врска со членството на Република Северна Македонија во Европската Унија и НАТО. Изразувајќи благодарност за брзата ратификација на пристапниот протокол за членство на Република Северна Македонија во НАТО од страна на Латвискиот Парламент, претседателот Пендаровски се заблагодари и за досегашната латвиска поддршка за нашата европска интеграција и изрази надеж дека истата ќе продолжи и во иднина. На средбата беше изразена подготвеност за подинамична секторска соработка, како и за постојано унапредување на договорната рамка меѓу двете земји. Соговорниците констатираа дека меѓу двете држави постои голем потенцијал за развој и зголемување на соработката во повеќе области од заеднички интерес.

На средбата со премиерот на Република Хрватска, Андреј Пленковиќ, беше изразено задоволство од одличните и пријателски односи меѓу двете држави, коишто се без отворени прашања, како и од волјата за унапредување и интензивирање на билатералната соработка во областите од заеднички интерес, а особено во економската сфера. Претседателот Пендаровски се заблагодари и ги поздрави заложбите на Хрватска, како актуелен претседавач со Советот на Европската Унија, за отворање на преговори на нашата држава пред Самитот во Загреб што треба да се одржи во мај годинава. Претседателот Пендаровски изрази очекување дека предлогот на новата методологија за проширување, базирана на принципите на обезбедување стабилност, мир и просперитет во регионот ќе биде усвоена во месец март на Самитот во Брисел од страна на членките на ЕУ. На средбата, Претседателот го изрази нашиот интерес за отпочнување со операционализација на Договорот за евроатлантско партнерство меѓу Владите на Северна Македонија и Хрватска. Соговорниците разменија мислења и информации и за актуелните случувања во регионот.

На средбата со шефот на Баварската државна канцеларија и државен министер за сојузни работи, Флориан Херман, беше изразено задоволство од традиционално пријателските односи  меѓу Република Северна Македонија и германската сојузна држава Баварија. Двајцата соговорници го реафирмираа интересот за зајакнување и продлабочување на билатералната соработката во сите области од заемен интерес, пред се во економската сфера. Во тој контекст претседателот Пендаровски ја истакна важноста на заедничката комисија на Северна Македонија – Баварија, како исклучително важна алатка за унапредување на економската соработка, за искористување на искуствата и на големиот инвестициски потенцијал на една од најпросперитетните германски сојузни држави. Во контекст на европската интеграција на Северна Македонија, претседателот Пендаровски нагласи дека нашата држава во изминатиот период покажа политичка зрелост, инвестирајќи во својата европска перпектива, притоа изрази очекување дека со усвојувањето на новата методологија ќе се создадат услови за датум за почеток на пристапните преговори.

Треба да знаете
Последни објави