Search

Бериша: Авиолинијата Приштина – Белград е чекор кон нормализација на косовскиот воздушен простор

Авторитетот на цивилното воздухопловство на Косово (АЦЦ) прими денеска писмо со намери од авио-компанијата Луфтханса за отворање авионска линија меѓу главните градови на Косово и Србија, Приштина и Белград, јавија косовските медиуми.

Како што јави дописникот на МИА од Приштина, церемонијата на предавањето на писмото се одржа во Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Берлин, во присуство на тамошниот амбасадор Ричард Гренел, кој пред неколку месеци беше именуван од американскиот претседател Доналд Трамп за негов посредник во косовско-српските преговори.

Генералниот директор на АЦЦ Есат Бериша изјави дека денешниот настан претставува нов чекор напред во заложбите на косовските институции „за целосна нормализација на воздушниот простор на Косово и отворање воздушни коридори со сите околни држави”.

– Со ова се воспоставува контактот меѓу двата авторитети на цивилното воздухопловство, меѓу Косово и Србија како рамноправни партнери, изјави Бериша.

Тој им изрази благодарност на амбасадорот Гренер, американската администрација, НАТО и КФОР за нивната поддршка во напорите на Косово за целосна нормализација на воздушниот простор и воздушниот сообраќај на Косово.

На церемонијата во главниот град на Германија присуствуваше и советникот за нацонална безбедност на претседателот Трамп, Роберт О’Брајан.

Авионскиот сообраќај меѓу Приштина и Белград е прекинат пред повеќе од 20 години, односно на крајот од војната во 1999 година.

Треба да знаете
Последни објави