Search

Бердих се збогува со тенисот

– Поранешниот светски рекет број 4 Томаш Бердих стави официјално крај на својата тениска кариера на церемонија во лондонската сала О2, каде што се одржува финалниот АТП турнир оваа недела.

Триесет и четири годишниот Чех се збогува од омилената игра поради проблеми со грбот што го спречија да игра добро во последните две години.

Токму во Лондон Бердих го постигна најголемиот успех во кариерата, откако последователно ги победи Роџер Федерер и Новак Ѓоковиќ во 2010 година на „Вимблдон” за да стигне до финалето, каде беше запрен од Рафаел Надал.

Чехот учествуваше и во финалето на АТП во Лондон шест последователни години и помина вкупно 369 недели во првите 10 од ранг-листата. Во својата 17-годишна кариера, Бердих освои 13 АТП титули, вклучително и една „Мастерс” (Париз 2005), и стигна до 17 Гренд Слем четвртфиналиња, како и 6 полуфиналиња и едно финале.

Познат по својот моќен форхенд и издржливост, Чехот ја имаше судбината да игра во најсилната ера на машкиот тенис во историјата, а во тие 17 високи пласмани на Гренд Слем турнирите, 13 од неговите порази доаѓаат против тенисерот број 1 во светот и уште два против идниот шампион.

– Не ми е жал за ништо. Дури и лошите работи и негативните искуства низ кои минував се случија со причина. Јас не би бил толку добар без нив. Секогаш се обидував да дадам се од себе. Ова е нешто што го постигнувате со вашите успеси и вашето поставување. Бев подготвен за секој натпревар, рече Бердих пред навивачите во Лондон. Тој додаде дека планира да поминува повеќе време со семејството.

Бердих ја заврши кариерата со биланс од 640 победи и 342 порази, како и 146 во Гренд слем турнири (13-ти во историјата).

Треба да знаете
Последни објави