Search

Белоруската опозиција излегува на улица, полицијата се закани со вистински куршуми

Белоруската опозиција најави нов голем протест против претседателот Александар Лукашенко за денеска, овојпат пркосејќи на опасноста и заканата од вистински куршуми испукани од полицијата, која го задуши претходниот протест минатата недела.

Овој протестен марш е исто така прв од поголеми размери по ултиматумот што му го постави на Лукашенко, лидерката на опозицијата Светлана Тихановскаја, кој по немирите поради спорните претседателски избори, побегна во Литванија. На претседателот кој е на власт од 1994. година, таа му даде рок до 25. октомври да се повлече од функцијата. Во спротивно, предупреди таа, ќе ја повика земјата на протести и генерален штрајк.

Претседателот (66), кој е под невиден притисок по спорните резултати од претседателските избори на 9. август, не покажа ни најмала желба да ги исполни барањата на неговите критичари, напротив.

Сите истакнати членови на белоруската опозиција денеска се во затвор или во егзил во странство. Минатата недела, протестот во Минск беше брутално потиснат од полицијата со водени топови и шок-бомби, а стотици луѓе беа уапсени. Тамошните медиуми пренесоа дека тоа била најгрубата интервенција во последните неколку недели.

Во понеделникот, Министерството за внатрешни работи предупреди дека полицијата, доколку е потребно, ќе употреби вистински куршуми, што може да предизвика сериозна ескалација на кризата.

Властите, кои го обвинуваат Западот дека се обидува да го собори Александар Лукашенко преку оркестрирани протести, ја оправдуваат одлуката со изјава дека протестите станале организирани и крајно радикални и дека кон силите за интервенција се фрлаат камења, шишиња и ножеви.

Треба да знаете
Последни објави