Search

Белгија ја финансира граѓанската војна во Либија со парите од замрзнатите сметки на Гадафи?

Белгиското министерството за правда отвори истрага за сомневањата дека исчезнале пет милијарди евра од замрзнатите сметки на поранешниот либиски лидер, Моамер Гадафи во тамошните банки.

Според информациите на истрагата кои протекоа во белгиските медиуми, постојат индиции дека од сметките на Гадафи „исчезнале“ каматите пресметани на главницата, која е замрзната пред седум години откако демократските либиските сили го соборија и го егзекутираа во граѓанската војна која се уште трае.

Белгија го истражува пренасочувањето на парите од сметките на Гадафи во корист на силите кои се борат во либиската војна. Реакцијата на белгиските власти е мотивирана од фактот дека продолжувањето на војната во Либија го стимулира мигрантскиот бран кон Европа, пишува порталот Europapress.es, пренесувајќи ги наводите на белгиските медиуми дека на тамошната политичка сцена веќе се разменуваат обвинувања кој дозволил парите на Гадафи да бидат пренесени во Либија. .

Обвинувањата одат кон министерот за надворешни работи на Белгија, Дидие Рејндерс. Тој беше министер за финансии во владата на премиерот Херман Ван Ромпуј, во периодот меѓу 2008 и 2011 година. За учество во трансферот на парите на Гадафи во Либија за да се финансира граѓанската војна, Рејндерс е обвинет од претставник во федералниот парламент, ЖоржГилкинет, наведувајќи дека Рејндерс бил единствениот, кој како тогашен министер за финанси, би можел да дозволи манипулација со парите на Гадафи.

Белгиските медиуми калкулираат со податоци дека на сметките во Белгија починатиот либијски лидер скрил околу 14 милијарди евра. Станува збор за депозити во четири банки, повеќето од нив во Euroclear банката, 12 милијарди и 800 милиони евра.

Дел од медиумите во Белгија како спорна ја наведуваат одлуката на белгиските власти да се овозможи пресеметување на камати на депозитите кои се блокирани со одлуката на Советот за безбедност на ОН од 2011 година. Тоа било направено токму со намера каматите, кои не се опфатени со одлуката на ОН, да им се исплаќаат на страните  во либиската граѓанска војна, кои уживаат поддршка од сојузниците во меѓународната заедница, предводени од САД и Франција, кои учествуваа во соборувањето на Гадафи.

Рускиот портал „Спутник“, исто така наведува дека недостига и значителен дел од основицата на замрзнатите депозити на починатиот либиски лидер. Наводно, за време на истрагата на белгиските власти за перење пари преку сметка на Гадафи во текот на 2017 година било откриено дека на нив има само шест милијарди евра.

Советот за безбедност на ОН ги замрзна сметките и имотот на либискиот лидер воведувајќи санкции на Либија заради кршење на човековите права за време на режимот на Гадафи. Тоа беше вовед во насилната промена на режимот и граѓанската војна во која земјата е поделена на неколку влади, парламенти и територијални, меѓусебно независни и спротивставени субјекти.

Се проценува дека по демократските промени во судирите во Либија загинале десетици илјади луѓе, а најмалку половина милион Либијци се бегалци, како внатре, така и надвор од земјата.

 

Треба да знаете
Последни објави