Search

Белгија има највисока стапка на морталитет од Ковид-19 во светот

Белгија останува земјата со најголем број на смртни случаи од Ковид-19 по глава на жител, анализира белгискиот јавен сервис заедно со еден од најреномираните епидемиолози во земјата, јавува дописничката на МИА од Брисел.

Со 84 починати на 100 илјади жители, Белгија е далеку пред Обединетото Кралство, Шпанија и Италија, но и пред Соединетите американски држави, каде вирусот сѐ уште интензивно и брзо се шири.

Причините за оваа ситуација, која предизвикува тешкотии за граѓаните што сакаат да патуваат надвор од белгиските граници, се сепак нијансирани, објаснува епидемиологот Ив Копитерс во интервју со белгискиот јавен сервис, РТБФ, денеска.

Според Копитерс, оваа висока стапка се должи од една страна на фактот што Белгија усвои различна методологија од многу други земји. Па така, повеќе од половина од смртните случаи не се потврдени преку тест за коронавирусот, станува збор за “можна смрт од Ковид-19”, вели епидемиологот.

Белгија од стартот на пандемијата одлучи дека треба да усвои многу поширока дефиниција на критериумите кога се известува за смрт од Ковид-19. Затоа што на самиот почеток, вели епидемиологот, здравствениот систем во Белгија не беше подготвен за известување на сите случаи на Ковид-19 и критериумите не беа јасни.

-Системот на известување многу брзо се најде преоптоварен на почетокот на епидемијата, внесовме голем број на починати лица, што го направи пресметување полесно, но за жал тие не се должеа секогаш на Ковид-19, додава Копитерс.

Но, епидемиологот одбива да ја релативизира драматичноста на состојбата во Белгија и покрај овие објаснувања.

-Мораме да преземеме одговорност за драматичната ситуација во Белгија. Покрај многу широк систем на известување и надзор, имавме многу висока стапка на морталитет во споредба со соседните земји. И не треба да мислиме дека ние имавме добар систем на надзор, а тие лош. Мора да бидеме скромни и да ја прифатиме оваа висока стапка на морталитет. Ова беше посебно видливо во пензионерските домови каде стапката беше многу висока, и тоа не се виде во другите земји. Ќе мора да анализираме понатаму дали сите овие починати се должат на Ковид-19, но додека не се спроведе оваа ретроспектива работа, мораме да преземеме одговорност за високата стапка на морталитет, вели епидемиологот.

Последните бројки од Институтот за јавно здравје на Белгија покажуваат дека бројките на заразени продолжуваат да се намалуваат. Во просек Белгија имала 85 нови случаи дневно во изминатата недела, што претставува намалување од три отсто во споредба со претходната недела.

Денеска се регистрирани 107 нови случаи во Белгија, и ова е трет пат во рок од четири дена бројката да надминува сто нови заразени дневно.

Од почетокот на епидемијата Белгија бележи 62.016 заболени од Ковид-19, информира РТБФ.

Треба да знаете
Последни објави