Search

Белгиски научници истражуваат дали лековите за реума се ефикасни против Ковид-19

Девет научни центри во Белгија од денеска започнуваат со студија на лекови за реума во борбата против новиот коронавирус, Ковид-19, јави дописничката на МИА од Брисел.

Целта на истражувањето е да се утврди дали овие лекови ја забавуваат инфламаторната реакција која произлегува од инфекцијата со Ковид-19.

Според научниците, околу  дваесет отсто од заразените претставуваат тешки заболувања на белите дробови кои предизвикуваат недостиг на кислород во телото.

Испитувањата се фокусираат на улогата на инфламаторните супстанци во организмот кои го предизвикуваат воспалението кога имунитетот е силно погоден. Овие супстанци наречени цитокини играат улога и кај пациентите со реума, објаснуваат научниците.

– Истражувања што се водат во Кина и Италија покажуваат зголемено присуство на цитокини кај лицата кои се под респираторна асистенција, вели професорот Барт Ламбрехт од Универзитетската болница во Гент.

Над триста пациенти заразени од коронавирусот ќе бидат третирани со лекови против реума во рамките на ова истражување за да се утврди дали тие даваат ефикасни резултати. Научниците се повикуваат на студии од други земји каде три четвртини од пациентите со тешка форма на Ковид-19 покажале значајно подобрување на состојбата откако биле лекувани со третман против реума, вели професорот Ламбрехт.

Меѓутоа, останува нејасно кој лек против реума е поефикасен и дали би била потребна комбинација на терапии. Научниците ги истражуваат и можните нус ефекти. 

Треба да знаете
Последни објави