Search

Бектеши: Ќе продолжи изградбата на магистралната траса на гасоводот

Во текот на наредната година ќе продолжи реализацијата на магистралната траса на гасоводот од Скопје до Гостивар, а паралелно ќе се работи и на воспоставување на јавно приватно партнерство за изградба на дистрибутивната мрежа во земјава за што веќе се обезбедени и експерти од страна на ЕБОР, порача денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

Тој нагласи дека се предвидува во текот на следната година да биде завршен кракот од Скопје до Гостивар и да почне експропријацијата на земјиштето за делот од Гостивар до Кичево.

-Трасата од Скопје до Гостивар ќе продолжи да се реализира наредната година за кога е предвидено и да заврши овој крак, а дополнително да се продолжи од Гостивар кон Кичево со експропријација на земјиштето и со завршување на сите тендерски постапки се со цел да го направиме и прстенот на националниот гасовод во нашата држава. Паралелно на тоа се работи и на воспоставување на јавно приватно партнерство за доизградба на дистрибутивната мрежа за што веќе се обезбедени и експерти од страна на ЕБОР во три полиња и тоа во економско-финансиското работење, во правното работење, како и во техничките работи. Комисијата која е креирана од страна на Владата заедно со овие експерти во наредниот период треба да влезат во преговори со заинтересираните страни за изградба на дистрибутивната мрежа во нашата држава, рече Бектеши во одговор на прашање на денешната прес-конференција во Владата.

Појасни дека  со последните измени на Законот за енергетика, Министерството за економија веќе е сопственик на АД НЕР.

-Имајќи го во предвид тоа Министерството за економија секогаш и секоја година му помага на АД НЕР. Претходната година помогнавме со 120 милиони денари, наредната година ќе ги зголемиме на 140 милиони денари, а тука не влегува и повлекувањето на кредитните линии, посочи Бектеши.

Треба да знаете
Последни објави