Search

Бектеши нема да бара од сестрата и шурнајката да го напуштат работното место

Министерот за економија Крешник Бектеши порача дека не чувствува моралана одговорност и нема да побара од неговата сестра да го напушти работното место во АД МЕПСО, бидејќи не е вработена во Министерството за економија, полнолетна е, не живее со него, мажена е и сама одлучува за својот живот. Морална одговрност би чувствувал единствено ако се утврди дека влијаел за некое вработување, но гарантира дека тоа не го направил за никој од своите роднини.

-Не сум влијаел да се вработи во МЕПСО и немам право да барам да се повлече од работното место. Како што немав влијание при вработувањето на мојата сестра во МЕПСО, така не би требало да имам влијание и да побарам да се повлече или да не се повлече од работното место. Тоа ќе биде нејзина одлука. Како што не влијаев да се вработи, немам право да и кажам каква одлука да преземе за нејзиниот статус, изјави Бектеши во одговор на новинарско прашање по отворањето на тематската јавна расправа за предлог законот за енергетска ефикасност во Стопанската комора на Македонија.

Тој нагласи дека во демкратија не може да се очекува од лицата кои ги водат институциите во земјава да се мешаат во одлуките на нивните роднини што сакаат да работат и во која насока ќе се движи нивниот живот. Наведе дека во Министерството за економија не е вработен ни еден од неговите роднини.

На прашањето дека во меѓувреме во АД ЕЛЕМ се вработила Нертила Усеини Каба, сопругата за братот на неговата сопруга, Бектеши одговори дека нема никаква карвна поврзаност меѓу нив, тој живее во Скопје, а таа во Струга и посочи дека немал можност да влијае на нејзиното вработување исто како што немал и за вработувањето на сестра му.

-Во надлежност на Министерството за економија со новото решение е само Македонски енергетски ресурси. Другите енергетски компании не се во надлежност на Министерство. МЕПСО е во надлежност на Министерството за транспорт и врски, а ЕЛЕМ во надлежност на Владата, потенцира Бектеши и додаде дека вршителите на јавни функции секојдневно би требало да даваат објаснување ако од нив се бара да кажат за вработувањето на „четврто, петто и седмо колено и за жената на братот на жената на министерот”.

Треба да знаете
Последни објави