Search

Бектеши: Донесовме мерки за поддршка на домашниот туризам, потребна е промоција на регионот како единствена туристичка дестинација

Министерот за економија Крешник Бектеши денеска присуствуваше на видео-конференција на тема “Можностите за подобра промоција на туризмот во регионот“ на покана на албанскиот министер за туризам и животна средина, Бленди Клоси.

На видео- конференцијата присуствуваа министери, државни советници и претставници од туристичкиот сектор од Србија, Црна Гора, Косово и Босна и Херцеговина.

Како што беше истакнато на видео-конференцијата туристичката индустрија во моментов се соочува со големи тешкотии поради пандемијата од Коронавирусот Ковид 19. Албанското министерство за туризам веќе ги има подготвено протоколите за влез на туристи во земјата и веќе се превземени мерки за можното отварање на туристичката сезона во наредните недели.

За таа цел како што беше истакнато на видео-конференцијата потребна е заединичка координација и размена на мислења помеѓу земјите во регионот со цел побрзо да се ревитализира оваа индустрија и како подобро да се промовира регионот и туристичките можности меѓу земјите.

Министерот Бектеши се заблагодари на поканата на министерот Клоси за оваа заедничка видео конференција и потенцираше дека потребни се итни чекори за туристичкиот сектор кој е најпогоден во оваа здравствено-економска криза.

„Неопходно е во овој момент земјите во регионот да соработуваат меѓу себе за побрзо да се надмине оваа здравствена криза која прерасна во економска криза во целиот свет. Како земја сме подготвени заеднички со сите земји во регионот да подготвиме заедничка програма со која ќе го промовираме регионот како единствена туристичка дестинација, посебно оваа година каде што штетите во туризмот ќе бидат најголеми, потенцираше Бектеши.

Министерот ги повика претставниците од туристичкиот сектор во регионот преку заеднички мерки, оваа криза да ја искористат како можност за продлабочување на соработката со што е можно да се привлечат поголем број на туристи, не само од регионот, туку и од трети замји.

“Владата на Северна Македонија усвои мерки за стимулирање на домашниот туризам преку модел на ваучери за граѓаните кои ќе ги користат во домашните туристички капацитети, но и ваучери за поттикнување на приватната потрошувачка во земјата пред се во угостителскиот сектор кој е најпогоден, потенцираше министерот, и кажа дека Владата и здравствените власти во Северна Македонија работат на протоколи за постепено отварање на границите пред се со соседните земји.

Треба да реагираме брзо, да го мотивираме и промовираме регионот како една заедничка дестинација. На тој начин може да оствариме заеднички напредок“ потенцираше Бектеши.

Министерот за туризам на Албанија, Клоси истакна дека дека во моментов за туризмот во регионот се важни три клучни работи.

“Потребно е постепено отварање на границите во земјите во регионот, во согласност со препораките на здравствените власти во земјите. Да се поттикнат туристички парувања на граѓаните од регионот да летуваат во туристичките дестинации во регионот, а неопходно е да се зголеми промоцијата на регинот како заедничка дестинација“ потенцираше Клоси

Треба да знаете
Последни објави