Search

Бектеши: Дигитализацијата и интернационализацијата се иднината на индустријата

Министерот за економија, Крешник Бектеши, учествуваше на Третата меѓународна научна конференција за бизнис и економија, насловена „Од транзиција до развој: Предизвици и перспективи“, која се одржа на Универзитетот на ЈИЕ во Скопје.

Како што информираат од ресорното министерство, Бектеши на конференцијата се осврнал на влијанието на економијата базирана на знаење во процесот на креирање на политики.

„Преку Планот за економски раст и новата ревидирана индустриска политика, фокусот го ставивме на преработувачката индустрија, стимулирање и поддршка на инвестициите, трансферот на технологии, поддршка на иновациите, вработувањето, зајакнатата соработка на науката со индустријата и интернационализацијата. Со нов сет на мерки се обидуваме да ја отвориме иднината на индустријата кон паметна специјализација, дигитализација на индустријата, воведување циркуларна економија и интернационализација базирана на нови поквалитетни и поконкурентни производи“, нагласил министерот.

Според Бектеши, индустрискиот сектор претставува темел на економијата и е тесно поврзан со економски раст, инвестиции, извоз, вработувања, истражување и развој, продуктивност, додадена вредност, иновации…

„Затоа со посебна сериозност пристапивме кон изготвувње на Стратегија за паметна специјализација, која треба да биде готова во 2020 година. Изготвувањето, а посебно со имплементацијата на оваа стратегија ќе значи и зголемување на соработката меѓу јавниот сектор, бизнис секторот и научно-истражувачкиот и иновативен сектор, стимулирање на приватните инвестиции во истражување и иновации, пристап до европските структурни и инвестициски фондови, пристап до фондови за истражување, инструменти за технолошки иновации и трансфер на технологии на МСП“, објаснил министерот.

Треба да знаете
Последни објави