Search

Бектеши -Брнз: САД е стратешки партнер на С. Македонија, поддршката на бизнисот е клучна за развојот

Министерот за економија Крешник Бектеши денеска оствари средба со амбасадорката на САД во Северна Македонија, Н.Е. г-а Кејт Мари Брнз.

На средбата министерот и амбасадорката разговараа за досегашната соработка помеѓу двете земји, но и за можностите за соработка во иднина, особено во полето на економијата.

Амбасадорката Брнз упати честитка за изборот на новата Влада, како и за повторниот избор на министерот Бектеши за министер за економија.

Во рамките на состанокот министерот ги презентираше реализираните проекти и планираните активности на Министерството за економија во делот на енергетиката, трговијата, иновациите, поддршката на странските инвеститори, како и поддршката на младите претприемачи.

Министерот потенцираше дека од главните цели на Министерството за економија е поддршката на малите и средни компании со цел зголемување на нивната конкурентност, како на домашниот така и на странските пазари.

Министерот информираше дека во делот на реформите за подобрување на условите за водење бизнис Mинистерството изготви законско решение со кое се овозможува отварање на фирма со почетен капитал од 1 евро, што ќе значи дополнителен поттик за младите претприемачи да се охрабрат да започнат бизнис.

Во делот на енергетиката министерот се заблагодари на поддршката која што ја даде САД во изготвувањето на Законот за енергетика кој што е од стратешка важност за обезбедување на енергетска стабилност на државата.

Ја информираше амбасадорката за стратешките проекти во делот на енергетиката кои што се спроведуваат во моментов и кои е предвидено да се реализираат во наредниот период кои што ќе значат подобрување на квалитетот на животот на сите граѓани.

Двајцата соговорници се согласија дека клучен предизвик за македонската економија во моментот е справување со социо-економските последици  предизвикани од пандемијата на вирусот Ковид 19 како и мерките за рестарт на економијата.

 

 

Треба да знаете
Последни објави