Search

Бектеши-Азеведо: Македонија е на вистински пат заекономски раст

Светската трговска организација (СТО) го препознава прогресот што го направи Република Северна Македонија на патот кон светската трговска интеграција, а земјата е на вистинскиот пат за отворена трговија, поголем економски раст и креирање нови работни места.

Тоа го заклучиле  министерот за економија Крешник Бектеши и генералниот директор на СТО Роберто Азеведо на средбата во рамки на тридневната посета на СТО во Женева, каде што државава ја презентира Втората ревизија на трговската политика.

Министерот Бектеши го информираше првиот човек на СТО за реформитите кои што ги направи земјата, во прв ред на политички, а потоа и на економски план, кои што придонесоа за подобрување на бизнис климата. Со потпишување на Договорот од Преспа, со што се реши деценискиот спор со Грција за промена на уставното име и Договорот за добрососедство со Бугарија, се отвори патот на Република Северна Македонија за трансформација на економијата. Овие реформи, како што нотираше министерот,  беа препознаени од НАТО, од каде што земјата доби покана за членство коешто треба да биде формализирано до крајот на годината, но и од Европската Унија, која даде позитивни оценки за напредокот на државата, за што се очекува датум за почеток на преговори во октомври, рекол Бектеши.

Тој воедно побарал поддршка за приклучување на земјава кон Плуратералниот договор за јавни набавки (ГПА), со којшто домашните компании ќе можат да учествуваат на меѓународни тендери во 38 држави.  Апликацијата за приклучување кон Договорот  е доставена во 2017 година, а на почетокот на минатата година е доставена и почетна понуда што се уште е предмет на дискусија кај членките.

-Членството на Република Северна Македонија во ГПА е многу важно, бидејќи ние сме соседи со две земји членки, Грција и Бугарија, што ќе значи поголема можност за нашите компании да можат да учествуваат на тендери во овие земји. И во новиот Закон за јавни набавки се имплементирани сите директиви кои што се дел од овој договор. Како земја ќе бидеме многу благодарни на вашата поддршка за да станеме 39. земја на овој договор до крајот на годината, порачал Бектеши.

Како што соопшти Министерството за економија, првиот човек на СТО, упатил честитки за реформите на државата  направени и во турбулетен период,што, според него, дава јасна порака за нејзина понатамошна трговска интеграција.

– Ви честитам на остварените резултати и напредокот што го имате направено како држава што се гледа во успешната Ревизија на трговската политика. Тоа е многу важна вежба и можност земјата да се отвори кон членството на СТО. Ви ја давам мојата целосна поддршка во процесот на приклучување кон ГПА, ние како Секретаријат ќе Ви помогнеме да го менаџирате процесот, но одлуката е на земјите членки. Ние имаме лимитирана можност да влијаеме, но ќе ги охрабриме членките да обрнат влијание на прогресот кој го има направено вашата држава за понатамошната трговска интеграција, порачал Азеведо.

Министерот, исто така, информирал дека после политичките турбуленции, македонската економија е стабилна, минатата година забележа раст на БДП од 2,7 проценти, а во првиот квартал оваа година растот достигна 4,1 процент, што ги надминува проекциите на Владата. Оекувањата се дека до крајот на годината економијата ќе испорача раст и од над четири проценти.

Треба да знаете
Последни објави