Search

Бекер со остри критики кон младите тенисери

Легендата на светскиот тенис, Борис Бекер изјави дека помладите играчи во машката турнеја немаат менталитет на победници, за да ја предизвикаат „големата тројка” во лицето на Роџер Федерер, Рафаел Надал и Новак Ѓоковиќ на Гренд-слем турнирите.

Бекер, кој стана шампион на „Вимблдон” на 17-годишна возраст и освои шест титули од „големата четворка” турнири, изјави дека психата е елементот кој ги оддалечува најмногу Надал, Федерер (37) и Ѓоковиќ (32) од помладата генерација.

– Штотуку прочитав статистика дека ниту еден активен играч надвор од „големата тројка” под 28 години, со исклучок на Тим, не играл во финалето во Гренд-слем турнир. Не е добро, тоа не е комплимент за секој тенисер под 28 години. И не ми кажувајте дека „другите се подобри”. Треба да го ставиме под прашање квалитетот и однесувањето на секој под 28 години, едноставно нема логика ова да се случува, изјави Бекер, аналитичар на Еуроспорт, коментирајќи го претстојниот Вимблдон кој започнува на 1-ви јули.

Останатите, кои стигнаа до финале во турнир од Гренд слем во последните три години беа Хуан Мартин дел Потро, Кевин Андерсон, Марин Чилиќ и Стен Вавринка – сите на 30 години и повеќе.

– Колку и да ги почитувам Роџер, Рафа и Новак, младите играчи треба да додадат гас и да се покажат на големата сцена. На крајот, тие ќе бидат премногу возрасни, но барем ќе ја предадат штафетата на следните кога се на својот врв. Постои менталитет и психа која младите играчи ја немаат, а „големата тројка” – да. Не станува збор за форхенд или физичка подготовка. Станува збор за психа и односот, што ја прави разликата помеѓу победници и губитници, заврши поранешниот германски тенисер.

Треба да знаете
Последни објави